ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Двојно повисока дневница за вработените во недела

На работодавачите кои нема да исплатат најмалку двојно повисока дневница на вработените кои ќе работат во недела ќе им биде затворен дуќанот 15 дена. Доколку ја повторат грешката санкцијата ќе биде пломбирање од 30 дена и плус парична казна. Синдикатот и министерството за труд  ги договорија казнените мерки за газдите кои нема да го почитуваат новиот Закон за работни односи, во делот на недела неработен ден.

„Сите што ќе работат во недела во моловите ќе работат една смена, од 10 до 18 часот. Задолжително да обезбедат дневница 100 проценти поголема, задолжително да обезбедат слободен ден за тие што се ангажирани во таа смена, и за сите дополнителна обврска кои пријавиле дека ќе работат во недела, два проценти од нивниот неделен промет да биде уплатен во централниот буџет“, рече Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.

Според законското решение кое се уште е во изработка, вработените кои ќе работат во недела ќе мора да добијат најмалку 50 отсто повисока дневница од онаа која што ја заработуваат. Но со носење на колективни договори во фирмите таа дневница синдикатот ќе инсистира да се зголеми, на 100, 150 или 200 отсто.

„Нас ни гарантира министерството и владата дека таа е 50 проценти и ние доколку се договориме како синдикати и работодавачи таа може да изнесува и повеќе“, рече Дарко Димовски претседател на ССМ.

Според предлог законот во недела освен трговските центри, на работа ќе одат и вработените на  бензинските станици, трговците поединци, специјализираните продавници и занаетчиските дуќани, кои се наоѓаат во туристичките места. Но и сите останати сектори каде не е возможно да престане производството, како и вработените во здравството, полицијата и противпожарните служби. Синдикатот очекува законот да стапи на сила најдоцна до крајот на годинава.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button