ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Еколози: Концесии за минерални суровини само ако населението даде согласност на референдум

Никој не смее да носи одлука за отворање на рудник во една општина, освен нејзините жители. Невладините и еко-здруженијата се децидни – концесија ќе добие инвеститор само доколку за тоа добие согласност од населението преку референдум. Спорниот член од Законот за минерални суровини кој овозможува дискреционо право за централната власт да постапи спротивно на евентуална негативна одлука на општината за давање концесија за рудник, ги крена еко-активистите на нозе.

„Народот во општината има право и треба да одлучува дали треба или не треба да има концесија и концесионер или не треба, а  не министерот, не владата, ниту пак градоначалникот или советниците. Затоа што тие само управуваат, но сопственикот којшто ги трпи добрите и лошите страни по однос на реализација на некоја концесија е народот.“

Алсат побара став од градоначалникот Петре Шилегов, кој е и прв човек на Заедницата на локалните самоуправи. Тој признава дека одлуката која би ја донела општината нема да биде обврзувачка за органот кој ја носи одлуката, во случајов централната власт. Но, тој смета дека политички не е корисно било кој носител на функција да влезе во конфликт со граѓаните или со определена локална власт. Ставот пак, на министерот за економија Крешник Бектеши е дека ресорното министерство нема да ја почитува одлуката на општината само ако таа не е поткрепена со факти. А, еве како стои во предлог-законот.

„Владата може да издаде позитивно мислење и покрај негативните мислења од релевантни државни институции, како и од локалната самоуправа, со дискреционо право на министерот.“

Активистите веќе имале средба во Министерството за економија од каде добиле уверување дека законското решение ќе биде дополнително разработено. Предлог-законот пратениците имаа намера да го донесат по брза постапка и без јавна дебата, но поради реакциите во јавноста, тој деновиве беше повлечен. Сега ќе треба заедно со засегнатите страни да разработат околу 400 проблематични точки во него.

Ile Petrevski

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button