ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Енергетика – Владата да ги врати во живот „пензионираните“ капацитети

По неуспешниот тендер за набавка на јаглен за РЕК Битола, експертите предупредуваат дека земјава се наоѓа пред енергетски колапс. Државата мора да најде брзо решение, иако во енергетиката не постојат такви, вели за Алсат консултантот по енергетика Сања Божиновска. Владата да се обиде и да врати во живот некој од „пензионираните“ енергетски капацитети.

„На жалост, тука нема брзи решенија. Тендерот не беше успешен, а ние како јавност не ги видовме понудите на фирмите. Нашиот јужен сосед има рудник во Флорина, па можеби на државно ниво да пробаме да купиме милион и двесте илјади тони јаглен. Ја имаме и резервата во ТЕЦ Неготино, која според мои информации последен пат работела пред 12 години. Но, прашањето е дали постојат резерви на мазут и дали воопшто може да работи ТЕЦ Неготино“, рече Сања Божиновска консултант за енергетика.

Од Државните електрани велат дека го интензивирале ископот на јаглен во РЕК Битола и РЕК Осломеј за да се обезбеди стабилно производство на струја за домаќинствата. Зголемено е производството во електраните на вода, ветер и гас.

„Набавката на јаглен, која ја спроведуваме по препорака на Владата, а во соработка со Стопанската комора, заради високите цени на берзите во регионот и во Европа е исклучиво за потребите на отворениот пазар, односно стопанството и институциите, со цел тие да се снабдат со електрична енергија по цени пониски од моменталните цени на берзите“, рече Васко Ковачевски директор на ЕСМ.

Доколку не се најде потребното количество на јаглен, следните алтернативни опции се далеку поскапи и покомплицирани за набавка, тврди Божиновска.

„….Меѓутоа за жал ние немаме план за следните 60 дена, а сме пред прагот на зимата. Обновливите извори и зелената енергија сите ја посакуваме, но реалноста е дека тие зависат од природата. Што ако нема доволно ветер, доволно сончеви денови и вода?“, вели Сања Божиновска консултант за енергетика.

Инаку, вчера пропадна тендерот за набавка на 900 илјади тони јаглен за активирање на третиот блок на РЕК Битола. Од ЕСМ потврдија дека за термоцентралата Осломеј се обезбедени 300 илјади тони за повторно пуштање во погон. Сега надлежните најавија распишување на нов меѓународен тендер за набавка на јаглен за битолската електрана.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button