РАКОМЕТСПОРТ

Еурофарм Пелистер, во обид да го поправи впечатокот по двете катастрофални изданија

Еурофарм Пелистер со денешниот дуел против Кил го продолжува настапот во Лигата на Шампионите (18.45 часот, сала „Боро Чурлевски“), во обид да го поправи впечатокот по двете катастрофални изданија на стартот од елитното европско натпреварување. Јасно е, битолчани ќе ја имаат улогата на аутсајдери и вечерва против германскиот ракометен гигант, но исклучително важно ќе биде македонскиот шампион да покаже карактер и квалитет како доказ дека заслужува да биде дел од ракометната елита во Европа.

Тоа беше случај само на моменти против Колстад и Алборг, а реномето што го има Кил во ракометна Европа треба да биде само мотив повеќе за избраниците на тренерот Александар Јовиќ, конечно да заиграат на ниво какво што прилега на Лигата на Шампионите.

 

„Го пречекуваме шампионот на Германија и сите знаеме со каков противник треба да се судриме. Крајно време е нашата екипа да се покаже во поинакво светло и по натпреварот сите да бидеме задоволни од одиграното. Со сигурност ви тврдам дека Еурофарм Пелистер ќе ги исполни сите цели за оваа сезона. Имаме комплетно нова екипа и ние треба време. За брзо време ќе се претставиме во најдоброто светло. Добро ќе се спремиме за Кил и ќе извадиме максимум од екипата. Направивме анализа на натпреварите на Кил, преферираат модерен ракомет и динамична игра. Ќе се обидеме да наметнеме темпо кое нам ни одговара. Треба да играме трпеливо во напад и со тоа ќе спречиме нивна брза игра. Еурофарм Пелистер само ќе расте, одигравме два натпревари од Суперлигата и тие добро ни дојдоа. Играчите почувствуваа и добра игра и победи и прашање на денови е кога ќе проработиме“, изјави Јовиќ во пресрет на денешниот натпревар.

 

Стратегот на „пелистерци“ го избра и тимот со кој ќе му се спротивстави на Кил, па реши овојпат дуелот од трибините да го следат данскиот пивот Нилсон и голманот Кизиќ.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button