ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Еврометар“: Голем пад на поддршката за евроинтеграциите

Голем пад на поддршката за евроинтеграциите на државата детектира истражувањето „Еврометар“ за 2022 година, кое денеска го презентираше Центарот за европски стратегии „Евротинк“.

Во 2022 година дури за 20 отсто е намален бројот на граѓани кои сметаат дека членство во ЕУ е добра работа во споредба со 2021 година.

„На прашањето дали испитаниците сметаат дека влезот во ЕУ е добра работа за државата, 49 отсто одговориле потврдно, што претставува најниско ниво од 2014 година наваму и остар пад од 20 процентни поени во однос на 2021 година. Проценката на односот на ЕУ како ’фер, пријателски и коректен‘ изнесува 17 отсто наспроти 30 отсто измерени во 2021, а дека односот на ЕУ е ’нефер, надмен и уценувачки‘ сметаат 65 отсто наспроти 48 отсто измерени во 2021 година“, соопшти „Евротинк“.

Големо општо незадоволство се отсликува и преку мислењето на граѓаните за правецот на државата каде што повеќе од 50 отсто сметаат дека Северна Македонија се движи во погрешна насока, покажуваат резултатите во „Еврометар“.

Кога станува збор за перцепцијата за фундаменталните општествени вредности, истражувањето покажува дека високи 61 отсто од испитаниците сметаат дека во земјава нема демократија.

 

Србија најголем пријател, Бугарија најголема закана

Кои се најголеми пријатели, а кој е најголема закана на земјава, била уште една од темите на кои се однесувала анкетата.

Според резултатите, 37 отсто од испитаниците ја навеле Србија како одговор на прашањето „Која држава или меѓународна организација е најголем пријател на Македонија“.

Интересно е што и 11,6 отсто одговориле дека земјава нема пријатели.

Од друга страна, дел од прашањата се однесувале и на тоа кој е најголема закана за Северна Македонија. Од оние што сметаат дека некоја држава или меѓународна организација претставува закана за државата, дури 27,4 отсто ја посочиле Бугарија.

Армијата со најголема, судството и обвинителството со најмала доверба

Кога е во прашање довербата во институциите, пак, и во 2022 година граѓаните најмногу ѝ верувале на Армијата.

„Граѓаните највисока доверба имаат во Армијата, 39 отсто, што сепак претставува пад од минатогодишните 47 отсто. Понатаму следат религиските институции 32 отсто, а веднаш по нив е полицијата со 21 отсто“, наведува „Евротинк“.

Правосудството, пак, си се задржа на дното. Судството и во 2022 година е со најмала доверба од граѓаните, само 6 отсто, а тука е и обвинителството со 7 отсто.

Истражувањето „Еврометар“ беше направено телефонски од страна на „Брима“ во периодот од 12 декември до 27 декември 2022 година на репрезентативен примерок од 1 006 испитаници.

Извор: Eurothink

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button