ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Симовски: ДЗС е целосно подготвен за отпочнување на пописот

Државниот завод за статистика (ДЗС) е целосно подготвен за отпочнување на најголемата и најзначајна статистичка операција Попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година. Донесени се многу строги протоколи, како да се однесуваме во услови на пандемија и ние гарантираме дека целосно ќе ги почитуваме, изјави на денешната прес-конференција во Влада директорот на ДЗС, Апостол Симовски.

На Конкурсот за пријавување кандидати за попишувачи, Симовски нагласи, досега аплицирале речиси осум илјади луѓе, со што се сигурни дека ќе има комплетна покриеност со попишувачи на терен, а доколку е потребно, со одлуката на Владата, на располагање им се ставени и лицата кои се ангажирани по договор во владините институции и институциите на локалната власт.

-Во тек се обуките за реонски инструктори, кои што ќе имаат супервизорска функција, а за неколку дена ќе отпочнат и обуките на лицата кои непосредно ќе го спроведат попишувањето, односно попишувачите, изјави Симовски.

Точната бројка на попишувачи кои евентуално би недостигале, нагласи Симовски, ќе се знае утре или задутре, кога ќе заврши конкурсот и ќе се спроведе тестирањето на кандидатите.

Можноста која им е на располагање за вклучување на лицата кои се времено ангажирани од Владата и локалните власти, Симовски, нагласи дека ќе се користи само доколку немаат доволно кадар и согласно потребите, а ќе бидат платени, само за онаа работа што ја извршуваат, исто како и секој друг учесник во пописот.

Прашан за тоа што ќе се случи доколку овие лица одбијат и дали со тоа ќе им престане договорот за работа, Симовски рече, дека штом е донесена одлука, не знае дали може да одбијат, а за тоа до кога ќе им трае договрот, посочи дека се одговорни институциите во кои што овие лица се ангажирани.

-Ние тоа не можеме да се мешаме воопшто. Ние знаеме дека ни се дадени на располагање само за оваа намена, за спроведување на попсиот. Понатаму, колку и до кога ќе бидат анагжирани во институциите, тоа е одговор што треба да го барате во институциите, изјави Симовски.

Прашан за предлогот од опозицијата за електронски попис и што со граѓаните кои ќе одбијат да бидат попишани, Симовски рече дека сега не може и нема намера да се размислува во насока на менување на методологијата на пописот.

-Таа е донесена и објавена во Службен весник, одобрена е од Евростат и менување на методологија не доаѓа во предвид. Во однос на било какво одбивање, Законот е прецизен, дека ова е задолжителна активност на сите и не е доброволна активност, рече Симовски.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button