ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

И Битиќи не ги открива фирмите кои незаконски стигнаа до пониска струја

И Битиќи не ги открива фирмите кои незаконски стигнаа до пониска струја

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи ги повика Регулаторната комисија за енергетика и ЕВН-хоум, како што вели, да се занимаваат со фирмите кои недозволено се префрлиле од слободниот на регулираниот пазар на електрична енергија. Станува збор за стотици фирми кои го изиграле законот и набавувале струја по поевтина цена, со што плаќале и понизок ДДВ. Листата на фирми се уште никој не ја открива, а неофицијално меѓу овие субјекти имало и општини.

„Има кој да ја обелодени листата на оние кои неправилно се префрлиле од отворен на регулиран пазар на електрична енергија и се ќе се случи во свое време. Ги повикавме сите надлежни органи да постапат како што треба по закон. Ако некој направил нешто што не е законски, се знае каде е одговорот. За жал, често се бараат одговори од мене лично и од извршната власт, но треба еднаш за секогаш да сфатиме дека извршната власт е поделена со другите власти и секој треба да го прави тоа што му е обврска и надлежност по закон“, рече Фатмир Битиќи – вицепремиер за економски прашања.

Засега разрешница на случајот се уште нема, а неофицијално овие фирми се уште се на регулираниот, наместо на слободниот пазар. Според првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски овие фирми на регулираниот пазар претставуваат товар за системот, но и за цената за домаќинствата.

Според информациите во медиумите, над две илјади фирми, преку основање ќерки-фирми ги користеле нивните броила и на тој начин се снабдувале со поевтина струја. Во нив влегуваат индустриски компании, ланец маркети, аптеки, казина, осигурителни компании, како и општини.

Случајот го разгледува Финансиската полиција, од каде што рекоа дека сите прибрани информации ќе ги достават до Обвинителството./Alsat.mk

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button