ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

И покрај помпезните најави Владата сè уште не го разгледала извештајот за дивоградбите во Старата скопска чаршија

Нелегалните градби во Старата скопска чаршија остануваат во заборав. Иако самиот премиер Зоран Заев вети дека многу брзо ќе постапат против дивоградбите во овој дел од главниот град, извештајот на Државниот инспекторат за градежништво, каде се констатирани најмалку пет бесправно изградени објекти, скоро половина година останува во фиоките на Владата. И денес, Владата вели дека Извештајот не е разгледан на седницата на Владата, а не дадоа детали за тоа кога овој извештај може да дојде на дневен ред.

„Информацијата сè уште не е разгледана на седница на Владата. По разгледувањето , јавноста ќе биде навремено известена”, велат од Владата.

Во октомври, самиот премиер Зоран Заев изјави дека откако ќе добијат мислење од надлежните институции, ќе го разгледаат извештајот на Државниот инспекторат за градежништво.

Од Државниот инспекторат за градежништво велат дека се уште не добиле никаква информација од Владата за извештајот за дивоградбите во Старата чаршија.

„За нашиот извештај, Владата нè извести дека побарале мислење од Министерството за транспорт и врски и Министерството за култура. Но, не сме информирани кога извештајот ќе биде разгледан на седница на Владата“, наведуваат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, на барање на Владата, изврши увид во Старата чаршија и откри пет дивоградби, како што се надградба на згради, нелегално додадени делови и други неправилности. За дивоградбите во Старата скопска чаршија, општина Центар и општина Чаир изјавија дека одговорноста паѓа на Министерството за транспорт и врски, бидејќи чаршијата е во надлежност на ова Министерство.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button