ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Игор Дурловски го напушта Собранието

Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Игор Дурловски поднесе оставка. Според него, причините се принципиелни и морални прашања, за кои смета дека се поважни од политиката. Дурловски вели дека националниот интерес и владеењето на правото остануваат приоритет за него.

„Националните интереси, правда за неправедно прогонетите и нормална држава за нашите деца беа/се мои приоритети. Пратеничката фотеља боде кога политичката прагма станува поважна од моралот. Затоа, го напуштам Собранието на Република Македонија, а на колегите од коалицијата „За обнова на Македонија“ им посакувам истрајност, доследност, мудрост, којашто сум сигурен дека ја имаат.“

Неговиот лидер, Христијан Мицкоски, не ја коментираше оставката. Од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ ја почитуваат одлуката на Дурловски. Координаторот на опозициската партија, Никола Мицевски, вели дека ова е лична одлука што е објавена однапред. Од Собранието велат дека досега тие не биле официјално известени за оставката на пратеникот и дека по официјалното известување, неговата одлука ќе се процесуира во согласност со Деловникот. Дурловски на позицијата пратеник дојде како носител на листа во изборната единица број 5.

Претходно тој беше познат во јавноста како учесник и поранешен осомничен за „терористичко загрозување на уставниот поредок“ за крвавиот 27 април во Собранието. Тој беше ослободен од обвиненијата за тероризам, откако Обвинителството утврди дека пеењето на македонската химна не ги мотивирало демонстрантите да влезат во Собранието насилно. Неговата оставка доаѓа само неколку дена откако внатрешни структури во ВМРО-ДПМНЕ повикуваат на конгрес за одговорноста на Мицкоски, кој изгуби три изборни циклуси: локални, претседателски и парламентарни.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button