ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кастриот Реџепи излезе пред медиумите

Пред јавноста се појави пратеникот на Движењето Беса, Кастриот Реџепи. Тој рече дека неговата одлука да не присуствува на седницата за уривање на Владата е лична одлука и не бил уценуван или условуван. Иницијативата за уривање на владата ја потпишал поради најавената оставка на Заев и кога се уште не се знаеше како ќе заврши одлуката за прегласување во Желино. Реџепи рече дека во четвртокот му се заканувале со смрт, но не кажа имиња.

„Најдов засолниште да се заштитам себе си и моето семејство, знаејќи каков притисок ќе биде врз мене доколку бидам физички присутен во салата. Крајниот резултат би бил ист, но јас би завршил изложен на напади, барем вербално“, рече Реџепи.

Реџепи бара од БЕСА да ги сослуша неговите аргументи. Тој оценува дека Беса побрзала со одлуката да им се приклучи на антиевропските сили, додавајќи дека логично би било да се почека до 14 декември кога Северна Македонија ќе добие одговор дали да добие или не датум за преговори.

„Би било коректно да седнеме. Сакам еднаш да се разјаснат работите по партиските форуми, да ги известам за тој дена и да им се заблагодарам за грижата која ја имаа. Знаете дека моите сопартијци учествуваа на актуелните мнозински состаноци по изборите и дадоа изјава дека мнозинството продолжува“, додаде Реџепи.

Себеси се смета како пратеник на Беса. Тој не планира да премине во ДУИ или во која било друга парламентрана партија.

„Не можам да преминам во ДУИ додека сум член на Движењето Беса“, вели Реџепи.

Минатиот четврток, кога се очекуваше гласањето за недоверба на Владата, Реџепи не се појави во Собранието. Неговата постапка спречи уривање на Владата иако ВМРО-ДПМНЕ, АА-Алтернатива, Беса и Левица собраа 61 потпис. Неговата постапка го натера лидерот на Движењето Беса да го исклучи Реџепи од партијата, додека лидерот на Беса, Билал Касами, на денот на исчезнувањето на Реџепи, го пријави во полиција како исчезнат и киднапиран.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button