ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Катица Јанева, од „ангел“ на правдата, до корумпиран функционер на црната листа на САД

Од обвинителка од Гевгелија до прв човек на Специјалното јавно обвинителство – надежите за владеењето на правото во земјава во 2015-тата година, на домашните политичари и на меѓународниот фактор, почиваа во работата на Катица Јанева. Но, предметот „Рекет“ неа ја одведе зад решетки, а разочарувањето од нејзината работа трае, па дополнително на сè, таа сега заврши и на американската црна листа поради корупција. Јанева додека беше прв човек на СЈО, нескромно го потенцираше фактот дека институцијата што ја предводи има поддршка и од Брисел и од Вашингтон.

„Им благодарам на сите политички фактори и меѓународни фактори, кои застанаа зад мојот избор на специјален јавен обвинител“, велеше Јанева.

Додека постоеше, СЈО често добиваше поддршка од западноевропските земји и САД во форма на обуки за обвинителите и истражителите. Поради ова Јанева неколку пати потенцираше дека работи автономно.

„Јас не сум маша никому. Затоа и се гордеам со автономноста и сакам да ја задржам. // Горда сум на една институција којашто се изгради во овие две години како една институција со највисок рејтинг“, велеше Јанева.

Седум години по оваа изјава на Јанева, во правосудниот систем во земјава доверба имаат околу 2% од граѓаните. Високите претставници на САД и денес потенцираат дека очекуваат резултати од десетиците милиони долари инвестирани во правосудниот сектор во Македонија, исто како и пред седум години кога тоа го очекувале од Јанева.

„Имав шанса да ја видам г-ѓа Јанева и нејзиниот тим. Нејзината работа е од витално значење за да постои вистинско владеење на правото, одговорност и чист правосуден систем во оваа земја – нешто што е апсолутно суштинско ако Македонија сака да ги постигне своите евроатлантски цели за да ја постигне својата цел да биде членка на ЕУ и НАТО, нешто што САД долго време го поддржуваат“, велеше Викторија Нуланд, поранешен државен секретар на САД.

Во вчерашното образложение на американскиот Стејт департмент се вели дека постапките на Јанева и Стевчо Јакимовски ги поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси во земјата. Основата за ставање на Јанева на црната листа е тоа што за време на нејзиното шефување со СЈО била вмешана во коруптивни дела, како и користење на политичкото влијание и моќта, за нејзина лична корист.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button