ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кацарска: Сидрото на ЕУ има стабилизирачко влијание во Македонија

Какви ризици носи неусвојувањето на уставните измени до крајот на скрининг процесот со Европската Унија? Оценката за усогласувањето на македонското со европското законодавство се очекува да заврши кон крајот на ноември, за кога е планирано да се одржи Втората меѓувладина конференција и да се отворат преговарачките кластери. Сепак, како услов останува Македонија да го заврши процесот на уставни измени, за што во моментов нема двотретинско мнозинство.

Според аналитичарите ваквата состојба може да предизвика политичка криза дома, како и недефинирана состојба во односите со Европската Унија. Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска оценува сидрото на ЕУ во земјава ни е многу потребно и тоа има стабилизирачко влијание во државата, кога би имало кредилен исход во преговарачкиот процес. Во спротивно, како што додава Кацарска, постои ризик од нестабилност.

„Ова нема да влијае позитивно во никој случај на домашната политичка сцена, ќе предизвика политичка неизвесност, а веројатно во тие услови секако ги имаме и изборите наредната година, меѓутоа прашање е колку самите избори ќе рефлектираат некоја голема промена доколку би се случиле. Во однос на политичката стабилност на државата тоа секако не е добро“, вели Кацарска.

Кацарска вели дека неусвојувањето на уставните измени и тапкањето во место може да има влијание и на економијата, бидејќи инвеститорите очекуваат извесност во пристапниот процес.

Во однос на најавите од Брисел за забрзана интеграција со земјите од Западен Балкан, Кацарска вели дека овој процес се уште не е до крај дефиниран, а во секој случај придобивките би ги имале оние земји кои формално преговараат и покрај тоа што Македонија има предност во однос на усогласеноста на законодавството со ЕУ.

„Многу веројатно е дека всушност Европската комисија и земјите-членки ќе се бават повеќе со земјите коишто преговараат, коишто формално се многу понапред во процесот од она што сме ние. Ние со нашата усогласеност и покрај истата не добивме внимание какво што го имале Србија и Црна Гора“, додава Кацарска.

Согласно усвоената преговарачка рамка, Скопје и Брисел ќе ја одржат Втората меѓувладина конференција по автоматизам, во моментот кога земјава ќе информира дека го променила Уставот. Владини претставници пак изјавија дека ќе бараат двотретинско мнозинство до крајот на мандатот на Владата, односно наредната година налето. Според Кацарска, во вакво сценарио, веројатно е повторно да се надоградува скринингот, бидејќи во меѓувреме ЕУ ќе усвојува нови законодавства.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button