ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кордалов: Реториката во предизборието ќе се заострува

Голем број од кандидатите за претседател деновиве меѓусебно се канат на дебати, соочувања, па и ифтарски и велигденски вечери, но според комуниколозите, вжештената предизборна реторика нема да доведе до правилна презентација на нивните идеи и модерна европска кампања. Комуникологот Бојан Кордалов вели дека ако денот по утрото се познава, претстојниов период може да се очекува уште посилна реторика, како и радикална црна кампања.

„Ако се обоиме со црна кампања, не може да се остави простор за коректна, нормална, стандардна комуникациска кампања. Минатите претседателски избори можевме да видиме коректна комуникација помеѓу кандидатите. Јас се надевам дека тоа ќе се случи и сега, меѓутоа се плашам дека развивањето и текот на наративот којшто го слушаме сега, нема да овозможи буквално никој да остане имун на користење на недозволиви комуникациски средства“, рече Кордалов.

Прашан за испраќањето на пораката до гласачите за парламентарните избори, Кордалов вели дека партиите мора да ги вклучат граѓаните во пишувањето, но и во спроведувањето на изборните програми. Според комуникологот, партиите сега единствено оставаат впечаток дека ги интересира останувањето или добивањето на власта, а не и суштинските промени и бенефити за граѓаните.

„Очекувам со ова темпо да има назадување во политичката комуникација и култура во делот на изборите. Секои избори кои ќе се прикажуваат како „живот или смрт“ нема да донесат ниту добра кампања, ниту добра реторика, ниту бенефит за граѓаните. Втората работа, граѓаните покажуваат далеку поголема зрелост од политичките партии и тоа треба да ги замисли партиите каде се движат, дали се прилагодуваат на потребите и дали вооошто оставаат впечаток дека главен приоритет им се граѓаните“, додава Кордалов.

Последната кампања, за парламентарните избори во 2020-тата година, според Извештајот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР била одбележана со негативна реторика за сметка на посуштинска дебата. Од Мисијата нотираа дека рекламите на најголемите партии содржеле лични напади кон политичките опоненти.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button