ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Корупцијата останува проблем во јавните набавки

Корупцијата останува еден од клучните проблеми во процесот на јавните набавки. Податоците на Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека дури 70 отсто од јавни претпријатија никогаш не направиле проценка на ризиците од корупција. Дополнително директорите на државните фирми во последниве три години не покренале ниту една иницијатива за поведување на кривична постапка заради сомнеж за корупција во јавните набавки.

„Досега во земјата има многу мал број на пријави за нерегуларности, било да е тоа во форма на жалба поднесена во Државната Комисијата за жалби за јавни набавки, било во форма на пријава во надлежните институции, дали во антикорупциска или во МВР, ЈО“, рече Сабина Факиќ Центар за граѓански комуникации.

Корупцијата во земјава е навлезена толку длабоко што во еден закон не може да се детектира секоја можна злоупотреба од страна на службениците. Антикорупционерката Билјана Ивановска смета дека за да се почне борба против ова зло треба секој од себе да почне, да ја подигне свеста.

„Слабостите констатирани ни сите спроведени истражувања и анализи ја потврдија потребата од засилување на интегритетот и намалување на ризиците од корупција во јавните претпријатија и акционерските друштва“, рече Билјана Ивановска, Државна комисија за спречување корупција.

Податоците на невладините покажале дека 92 проценти од анкетираните државни претпријатија немаат спроведено обуки за интегритет и антикорупција на вработените. Официјалните податоци велат дека вкупната вредност на јавните набавки на претпријатијата под државна капа и акционерските друштва кои се основани од Владата изнесуваат околу 300 милиони евра и претставуваат дури една третина од сите јавни набавки во Македонија.

Препораките на експертите се: промена на принципот на ротација на вработените како членови на комисиите за јавни набавки, едукација на вработените, почести надворешни контроли во претпријатијата, подобрување на процесот на планирање на јавните набавки, електронската аукција да се применува само за производи со познат квалитет.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button