ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Секое одложување на преговорите го зголемува евроскептицизмот

Секое одлагање на стартот на преговори со Брисел го зголемува евроскептицизмот во земјава, вели премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за МИА. Тој сепак додава дека поддршката на граѓаните за членство во Унијата останува висока, над 68 проценти, но воедно предупреди дека постојат и трети држави коишто не сакаат да ја видат Северна Македонија како дел од ЕУ.

„Ние имаме политички партии со антиевропска и анти-НАТО определба коишто се класично популистички во државата, никогаш не предложиле една остварлива мерка, меѓутоа се потхранети од едни такви центри надвор од државата и коишто со такво финансирање успеваат да креираат одредено јавно мислење коешто е спротивно на стратешките определби“, вели Ковачевски.

Ковачевски, по средбите со европските државници во Брисел, меѓу кои и бугарскиот претседател Румен Радев и колегата Кирил Петков, кажа дека во моментов се уште не постои усогласен документ за отворените политички прашања со Софија, што би довел до деблокирање на евроинтегративниот процес. Ковачевски вели дека Петков има волја за надминување на несогласувањата, но се соочува со домашен отпор.
Бугарскиот премиер пак, по состанокот со челниците на ЕУ, кажа дека моменталната геополитичка ситуација налага да се засукаат ракавите во насока на изнаоѓање решение.

„Бугарската Влада има своја ролја, затоа што европскиот пат на Северна Македонија и Албанија се дел од стабилноста. Ние таму имаме што да направиме. Знаете дека бугарската Влада работи по оваа тема веќе долго време, но треба да постигнеме напредок, зашто геополитички, последното нешто што сакаме да се случи е нестабилност во Западен Балкан и во овој момент сите треба да засукаме ракави и да си ја завршиме работата“, рече Кирил Петков – премиер на Бугарија.

Во меѓувреме, нов импулс во македонско-бугарските преговори пристигнува од Берлин. По вчерашната посета на Софија, германски дипломати денеска во Скопје порачаа да се почитуваат правата на малцинства, но додаваат дека прашања за идентитет и историја не треба да бидат дел од процесот на проширување.

„Вашата земја, пред се Владата и сите проевропски сили, треба да донесат одлука до каде се’ може да оди компромисот. Не верувам дека ќе се прави компромис за национален идентитет, но може за други работи во однос на чекорите во процесот на пристапување, односно колку може едниот да попушти, а другиот да прифати…“, рече Сабине Штохр – Шефица на Директоратот за проширување при германско МНР.

Од германското МНР истакнаа дека војната во Украина е повик за будење на ЕУ да продолжи поодлучно со проширувањето.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button