РЕГИОН

Крај на блокадите Косово – Србија, од понеделник „лепенки“ на регистарските таблички

По 13 дена блокади денеска започна деблокирањето на двата гранични премина Јариње и Брњак кои ги поврзуваат Косово и Србија. На Јариње и Брњак веќе ги нема паркираните камиони, а си замина и специјалната единица на косовската полиција. Камионот со натпис „Добредојдовте во Асоцијацијата“, замина последен.

Во близина на овие два гранични премина видливи беа припадници на КФОР. Од НАТО информираа дека од овој викенд, па следните две недели, КФОР ќе биде присутен во областа во согласност со постигнатиот договор и мандатот.

Ниту еден од официјалните претставници на Владата на Косово не ги коментираше актуелните случувања во северно Косово. Коментираше градоначалникот на Лепосавиќ.

„Овој договор беше постигнат помеѓу Приштина и Србија со посредство на Европската унија. Важно е да нема инциденти, бидејќи смиреноста е важна и за Србите и за Албанците и за регионот“, изјави Зоран Тодиќ, Градоначалник на Лепосавиќ.

Граничните премини Јариње и Брњак беа блокирани од локалните Срби од 20 септември, кога Владата на Косово одлучи да ја примени мерката за реципроцитет на регистарските таблички од Србија. Но, делегациите на Косово и Србија, со посредство на Европската унија, постигнаа договор пред три дена во Брисел. Косово веќе има готови 300 илјади налепници што косовските погранични служби ќе почнат да ги лепат на автомобилите од Србија од понеделник.

Еви Шкопи

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button