СПОРТФУДБАЛ

Македонија ја отвори Лигата на нациите со бод

Македонија ја отвори Лигата на нациите со бод

Фудбалската репрезентација на Македонија со реми кај Бугарија (1-1) на стадионот во Разград ја почна новата сезона во Лигата на нациите, преку која ќе се бара пласман на Европското првенство (ЕП) во 2024 година. „Рисовите“ губеа, но во вториот дел иако беа подобар противник, мора да се задоволат само со бод на првото од двете гостувања овој месец. Следен предизвик ќе биде меч со аутсајдерот Гибралтар кој мора да се добие.

Милевски се одлучи за најавениот тим и формацијата 4-3-3, а неговиот колега Јасен Петров одговори со подмладен состав и Десподов како главна ѕвезда. Во шестата минута Македонија ја имаше првата закана, но ударот на Дарко Чурлинов, од изгледна позиција, од блокот заврши во корнер. Од првата закана Бугарија поведe во дванаесеттата минута. Десподов двојно проигра со Неделов, излезе сам пред Столе Димитриевски и со префинет лоб ја смести топката во мрежата (1-0). Дарко Велковски се обиде да спаси со акробација, но беше прекраток за да ја извади топката од самата гол-линија.

Во 20. минута прекрасна акција по десната страна изведе Барди, одлично биеше, но го погоди бугарскиот капитен Михајлов во главата и несакајќи домашниот чувар на мрежата спаси чист погодок. Нашата игра главно се одвиваше по левата страна, но не бевме луцидни во завршницата на акциите. Македонија со јалова превласт во заврши првиот дел, а Бугарите, често и задржувајќи време, ја исполнија целта и на одмор заминаа со минимална предност.

На самиот старт на второто полувреме, Македонија почна да притиска. Тоа донесе гол откако во 50. минута погоди Милан Ристовски. По апел за пенал поради игра со рака по шут на Елмас, топката заврши до Ристовски кој беше близу до пеналтикот и по земја успеа да ја стресе мрежата на Михајлов (1-1). Неколку минути по голот Македонија имаше шанса за целосен пресврт по феноменален шут на Езџан Алиоски, ама голманот на Бугарија со парада ја спаси мрежата.

Во следниот период Милевски го освежи тимот со играчи од исти позиции. Се играше 72. минута кога повлечен беше Спировски, а на негово место влезе Николов, исто така играта ја напушти и стрелецот Милан Ристовски на чие место влезе Дориан Бабунски. Немаше големи возбудувања, финишот беше тактички. Во 94. минута Мартин Минчев шутираше и топката удри во раката на Муслиу, но судијата Пињар ја промени одлуката за пенал по консултација со ВАР затоа што раката беше во природна положба и немаше намера за игра со неа.
Следниот натпревар Македонија го игра на гости во Гибралтар закажан на 5 јуни. Нашите фудбалери имаат перфектен скор со овој ривал, два меча, две победи и гол-разлика 6-0./gol.mk

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button