ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Меѓународните претставници бараат суштински измени во Изборниот законик

Европската Унија инсистира на спроведување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во Изборниот закон. Амбасадорот Дејвид Гир ја цени иницијативата на работните групи повторно да разговараат за неопходните измени во Изборниот законик, кои според него, треба да се направат навремено пред изборите. Тој потсети дека Европската Комисија ваквото барање го наведе и во Извештајот за напредокот во октомври минатата година.

„Во него беше подвлечена важноста за реформа на Изборниот законик во согласност со препораките на ОДИХР и Венецијанската комисија, но важно е сите промени што се во согласност со овие правила да бидат направени во одредена временска рамка. Сега важно е работата да продолжи и да се заврши на време, значи доволно време пред изборите. Не сакам да навлегувам подлабоко, но знам дека работните групи работат. Стандардот што ние го бараме е тој што го поставија ОДИХР и Венецијанската комисија и бараме нивна имплементација“, изјави  Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ.

Во конечниот извештај по изборите на 15 јули минатата година, ОДИХР имаше седум приоритетни препораки. Според нив:

  1. Изборниот законик треба да се усогласи и внатрешно и со другите релевантни закони, со ангажман на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики. Разгледувањето треба да се изврши во јавна постапка и доволно време пред следните избори.
  2. Треба јасно да се дефинира мандатот на членовите на Државната изборна комисија, и да се предвиди јасна и транспарентна постапка за номинирање и назначување на членови на ДИК.
  3. Да се преиспита постапката за регистрација на гласачите.
  4. Државната комисија за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија мора да имаат доволно човечки и финансиски ресурси.
  5. Правилниците за платено политичко рекламирање во медиумите треба да се преиспитаат со цел да се овозможи непречен пристап до медиумите на недискриминаторска основа.
  6. Да се смени постапката за изборот и именувањето членови на Програмскиот совет и да се намали зависноста од државниот буџет и да се подобри квалитетот на содржината на јавниот радиодифузен сервис.
  7. Да се елиминираат непотребните ограничувања на правото за поднесување приговори и поплаки за изборите.

Во извештајот за напредок во октомври, Европската Комисија ја нагласува потребата од ангажирање на институциите, Министерството за внатрешни работи и ДИК за ажурирање на Избирачкиот список. Ја критикува измената и дополнувањето на Изборниот законик на последниот ден од распуштањето на Собранието или неколку недели пред денот на изборите, што партиите во земјата тоа го претворија во пракса.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button