ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Министерски кабинет се отстапува за партиски цели

Министерството за политички систем се претвори во скопска филијала на ДУИ. Во моментот кога претседателот на партијата Али Ахмети ќе реши средбите да ги одржува во Скопје, а не во Мала Речица, тогаш за локација за состаноците се бира кабинетот на првиот вицепремиер Артан Груби.

Ова е фотографија од средбата на Артан Груби со новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во земјава, Килијан Вал, на 7 декември. Во истиот амбиент со монографија за Пикасо, фотографија од Мајка Тереза, статуетка од Скендербег, и во истата фотелја, неколку дена подоцна Ахмети, како партиски претседател се сретна со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва. За состанокот, информираа од партијата, а  не од Министерството за политички систем.

Но, ова не е исклучок, туку правило. Фејсбук профилот на Ахмети годинава изобилува со фотографии од средби во оваа канцеларија – тука тој се среќавал со  амбасадорите Дејвид Гир, поранешната шефица на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, па дури и со пејачот Илир Шаќири.

Од ДУИ не одговорија на прашањата на Алсат зошто кабинетот во Министерството за политички систем се користи за партиски цели. Ниту од Министерството не одговараат зошто оваа канцеларија се отстапува на лидер на партија, иако станува збор за државна институција.

Ова не е првпат функционери на ДУИ да бидат во фокус на скандали за злоупотреба на државни ресурси. Токму кон Груби беше вперен прстот пред само два месеца кога со службено возило на Министерството се појави на партиски состанок. Тогаш вицепремиерката Славица Грковска најави дека ќе бара објаснување од Груби и кажа дека принципот на одвојување на државните и јавните функции од партиските активности е еден од клучните елементи на доброто владеење. Но случајот остана без разврска иако минатата година самите министри во Владата изгласаа кодекс со кој се обврзаа дека нема да ги користат  службените возила за приватни и партиски посети.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button