ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Му помогнале на убиец да избега, уапсени 17 чувари од Идризово

Полицијата уапси 17 чувари во затворот Идризово поради сомнение за „овозможување бегство“ и „помагање во извршување на кривично дело“. Шест од нив кои ги гони Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција се сомничат дека му овозможиле бегство на лице осудено за убиство. За нив обвинителството побара притвор. За други 11, чие кривично дело е во предистражна фаза, побарани се мерки на претпазливост.

„На 26.10.2023 година од приватен здравствен дом петмината осомничени чувари од затворот Идризово групно со умисла и со помош на друг чувар (приправник) овозможиле бегство на лице осудено за убиство. Соодветниот ден, осудениот бил придружуван од двајца чувари до одделот за пушење. Таму заедно останале околу половина час, кога си заминале и чуварите, додека на осудениот му овозможиле да си замине и да избега со автомобил. Осомничените не го презентирале случајот пред претпоставените во затворот, ниту пак на втората смена“, велат од ЈО.

Во предистражната постапка биле вклучени уште 11 затворски полицајци, на кои во периодот од 19 до 26 октомври 2023 година, додека осудениот бил на болничко лекување, неколкупати му било дозволено да си оди и да се враќа. Тие ќе одговараат за „помагање во извршување на кривично дело“.

„За време на престојот на осуденото лице во болница, осомничените како соизвршители на кривичното дело додека биле на смена го ослободиле осуденото лице кое им било доверено на лекување. Осудениот неколку пати без пречки заминувал од здравствениот дом и по неколку часа повторно се враќал“, додаваат од ЈО.

Кривичниот суд ги прифати мерките што ги побара Обвинителството. За кривичните дела за кои се товарат 17-те полицајци се предвидуваат затворски казни од една до шест години и од три месеци до 5 години.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button