ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

На кумановката Далипи не ѝ следува државјанство, велат од МВР

Ден по објавувањето на случајот со сопругата на Ислам Далипи од Куманово, на Алсат, која со години не може да добие државјанство, иако се венчани од 2008 година, од МВР одговорија декаа Фидрије Далипи не ги исполнува условите за државјанство.

„Потенцираме дека горенаведената не ги исполнува условите од член 7, согласно законските измени бидејќи од 08.09.1991 година не живее на територијата на Република Северна Македонија, што е еден од условите согласно измените и дополнувањата на Законот за државјанство“, велат од МВР.

Но, и покрај тоа што МВР се повикува на член 7 од Законот за државјанство кој се однесува на лица кои живееле во Македонија до 1991 година, членот 9 од истиот закон со кој Ислам Далипи има поднесено ново барање го вели спротивното.

Член 9 од законот за државјанство:

„Странец кој е во брак со државјанин на Република Северна Македонија најмалку 3 години и законски престојува најмалку една година без прекин на територијата на Република Северна Македонија, по природен пат може да стекне државјанство на Република Северна Македонија и покрај тоа што не ги исполнува условите од член 7 точки 1, 2, 3, 6 и 10 од овој закон.“

Ислам Далипи вчера изјави дека тој и неговата сопруга, која е од Косово, се во брак од 2008 година.

„Имаме две деца, што значи дека се работи за период од 13 години. Дали децата одат на училиште? Да одат. Дали имаат државјанство? Да имаат нормално“, рече Далипи.

Од Алијансата за Албанците велат дека над 8 илјади луѓе чекаат да добијат државјанство и по донесувањето на новиот закон. За опструкции ги обвинуваат државните институции.

„Ние како опозиција најпрво планираме да обезбедиме адвокат за секој случај што ќе биде претставен на овој начин. А потоа ќе почекаме каков став ќе заземе новиот состав на владата, иако не веруваме дека ќе има промена, тогаш веруваме дека пратеничката група на Алијанса ќе преземе други демократски мерки во парламентот“, рече Беким Татеши, АА.

Од МВР велат дека го почитуваат законот и дека од неговото одобрување до сега пристигнале 359 предмети за државјанство од лица родени кај нас, и 1375 барања од странски лица. Новиот закон за државјанство ги олеснува процедурите за добивање државјанство, особено за граѓаните кои не можат да добијат државјанство повеќе од 30 години, но и за оние кои бараат државјанство по основ на венчање.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button