ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„На пратеничките листи со кандидати да има 18% млади лица“

„На пратеничките листи со кандидати да има 18% млади лица“

Учеството на младите луѓе во политичкиот живот не е на задоволително ниво, се вели во анализата „Општество со исклучени млади“ на организацијата Младински сојуз. Оттаму велат дека постои континуиран пад на присуството на младите во политика. А, токму тие би можеле да доведат до креирање на поиновативни политики во корист на сегашните и идните генерации. За пример, од организацијата посочуваат дека само во 25 од 84 општини во државата функционира локален младински совет.

„Имаме нула млади луѓе што се министри, нула млади луѓе што се заменици министри. Мислам дека само еден градоначалник припаѓа во младите луѓе, потоа еден до двајца пратеници, затоа што се менуваат многу лесно годините. Тоа ги прави младите луѓе исклучени од процесите на носење на одлуки. Не е важно само младите луѓе да бидат прашани, туку е важно да се и директни носители на одлуки“, изјави Билјана Стојческа – Младински сојуз – Крушево.

Стојческа очекува на претстојните парламентарни избори партиите да ги земат предвид младите и тие на кандидатските листи да бидат застапени со барем 18%. Како што додава Стојческа, тоа би било фер решение зашто податоците од последниот попис покажуваат дека 18% од вкупното население во државата се млади луѓе.

„Да излеземе од онаа реченица „младите луѓе се иднината“. Не, тие се сегашност и се тука и доколку ги видиме во изборите што ни претстојат, доколку постојат во програмата и во листите, тогаш сигурно ќе имаме подобри политики за развојот на нашето општество“, рече Билјана Стојческа – Младински сојуз – Крушево.

За да се надмине ваквата состојба од Младински сојуз, меѓу другото, предлагаат и да се создаде одржлив механизам за финансирање на младински политики, со тоа што одреден процент од буџетот би бил специјално наменет за иницијативи и програми за младински развој.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button