ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Не се одржаа закажаните седници на Комисијата за финансирање и буџет

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска не ги одржа трите закажани седници затоа што оправдано беа отсутни дел од пратениците кои се членови на оваа комисија.

Претседавачот на Комисијата Бојан Стојаноски појасни дека Комисијата се уште нема назначено претседател откако доскорешниот претседател Тимчо Муцунски стана градоначалник и дека сега седниците на Комисијата ги свикува претседателот на Собранието со усвоен дневен ред од негова страна.

– На некој начин самиот одлучува кога ќе бидат одржани седниците и кои точки ќе бидат ставени на дневен ред. Не се пополнети местата на членовите на Комисијата од страна на опозицијата, а овојпат сме ускратени од можноста нашите колеги Зоран Јованчев и Љупчо Пренџов да бидат присутни затоа што се оправдано отсутни. Пренџов го има испочитувано членот 126 и на 2 февруари го известил претседателот на Собранието дека денеска е во надзорна посета на Агенцијата за разузнавање. За да не бидеме обвинети дека ние нешто кочиме, се сомневам во две работи – во тенденцијата дали на некој му пречи присуството на Љупчо Пренџов и на Зоран Јованчев на Комисијата за финансирање и буџет и дали некој навистина не сака да почне материјалната расправа по точките на дневен ред, рече Стојаноски.

Нагласи дека како претседавач на Комисијата нема да дозволи да се руши реномето на Комисијата и да започне материјалната расправа по точките од дневен ред се додека членовите на комисијата се оправдано отсутни.

На почетокот на седницата реагираше и заменик-координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска која укажа дека не може да има квалитетна дебата во Комисијата кога оправдано се отсутни дел од пратениците и кога за денеска се закажани три седници на Комисијата со временска разлика од 15 минути. Според неа, единственото решение е да биде свикана Комисијата за избори и именувања и на неа да бидат пополнети сите испразнети места во собраниските комисии.

За денеска беа закажани три седници на Комисијата за финансирање и буџет, а меѓу точките на дневен ред се Предлог измените на Законот за данокот на додадена вредност и на Законот за игрите на среќа, како и Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button