ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Нема огревно дрво и за карбинските училишта, по третпат ќе се објави јавната набавка

Нема огревно дрво и за карбинските училишта, по третпат ќе се објави јавната набавка

Неизвесна грејна сезона за подрачните училишта на територија на Oпштина Карбинци. Општината во два наврати распиша јавна набавка за огревно дрво, а како што вели градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, постапката ќе се повтори и  по третпат. Тој е оптимист дека третата набавка ќе го реши проблемот, бидејќи за учебната година нема останато уште многу дрва од претходната грејна сезона.

Централното училиште во село  Карбинци се затоплува на нафта, меѓутоа подрачните училишта во поголемиот дел од територијата на Општина Карбинци се затоплуваат со огревно дрво. Во овој момент ние распишавме повторена јавна набавка за набавка на дрво, меѓутоа и на таа не се јави никој. Веќе размислуваме и по третпат да ја распишеме. Проблемите со инфлацијата имплицираат и во делот на затоплувањето, вели Паунов.

Во меѓувреме, за околу педесетина ученици од прво до петто одделение во село Таринци, каде сè уште во сите пет училници има печки на дрва, останати се уште три до четири метри кубни огревно дрво. Согласно со јавната набавка, Општината за таму бара 17,5 метри кубни, а за останатите осум подрачни училишта уште нешто помалку од 70.

 Ние веќе за старт на грејната сезона имаме обезбедено од минатите години од заштеда, меѓутоа не доволно за целата година. Еве, се надевам дека периодов до пред почетокот на учебната година ќе имаме склучено договор за набавка на дрво за огрев, додава Паунов.

Со години стариот систем за греење, односно затоплување со огревно дрво останува пракса во училиштата во помалите општини и селата. Иницијатива за промена има, но тоа не може да се случи во скоро време. Карбинци како Општина има готов проект за едно од подрачните училишта, но треба да се работи и на останатите.  Централното училиште „Страшо Пинџур“ кое се наоѓа во село Карбинци како подрачни единици има уште девет училишта кои образуваат и воспитуваат ученици од прво до петто одделение. Како што стои во јавната набавка, општината најголемо количество огревно дрво треба да обезбеди за училиштето во село  Радање, и тоа 21 метар кубен, а најмалку, по 3,5 метри кубни, треба да обезбеди за училштата во селата Крупиште, Долни Балван, Оџалија и Стар Караорман.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button