ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Независност од Југославија, 31 година потоа

Независност од Југославија, 31 година потоа

„Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Македонија.“

95 проценти од излезените да гласаат на референдумот одржан на 8 септември ‘91-вата година одлучија Македонија да ја напушти тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија и својата државност да ја гради независно и во демократија. Огромното мнозинство граѓани одговорија „за“ на прашањето: „Дали сте за суверена и независна држава Македонија, со право на влез во иден сојуз на суверените држави на Југославија?“ 31 година подоцна државата, сега Република Северна Македонија, стапи во сојузи, но согласно стратешките определби е членка на НАТО Алијансата и е чекор поблиску во евроинтеграциите.

Но, изминативе три декади голем број премрежија се испречија на патот кон остварувањето на зацртаните цели. На бранот на демократијата, напуштајќи го социјалистичкиот систем, земјава во ‘90-тите се исправи пред болна економска транзиција и низа предизвици во владеењето на правото, додека во меѓувреме континуирано се вршеа обиди за етаблирање на меѓународен план.

Најголемиот предизвик пак, на безбедносен план уследи на почетокот на новиот милениум. Воениот конфликт од 2001-вата година резултираше со жртви, но и со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, кој донесе мир и ги уреди правата на етничките заедници во земјава преку промени во Уставот.

По години економско заздравување, но и тестирање на демократските капацитети, црн печат остави упадот во Собранието на 27 април, а до остварувањето на стратешките цели следуваа нови уставни измени и нови „историски моменти“. Договорот од Преспа со Грција донесе промена на уставното име, но и зачленување во Алијансата. Увертира на пружената рака со Атина беше Договорот за добрососедство со Бугарија, кој е сè уште исправен пред предизвици, но од чие исполнување зависи патот кон членството во Унијата. Земјава годинава, по 17 години чекање, го отвори преговарачкиот процес, со исчекување да ги отвори и преговарачките поглавја, кои зависат од нови уставни измени.
Инаку, по стивнувањето на пандемијата од ковид-19 која нанесе тежок удар врз здравствениот и економскиот систем, сега државата е на прагот на нова криза. Овој пат поради недостиг на енергенси, во период кога на тлото на Европа повторно се води војна. И покрај растот на платите во некои сектори, намалувањето на невработеноста и подобрувањето на животниот стандард за разлика од пред 31 година, актуелната инфлација, индиректно предизвикана од руската агресија врз Украина е нова бариера за растот и развојот.
Но, дали поради економски или пак други причини, за разлика од ‘91-вата година кога се славеше независноста и владееше ентузијазам, Македонија по три децении е покуса за двесте илјади жители, поради намалениот наталитет и поради иселувањето во странство.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button