ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тетово, 108 наставници остануваат на работа, над 20 заминуваат

Тетово, 108 наставници остануваат на работа, над 20 заминуваат

На повеќе од 20 наставници во 12 основни и средни училишта во Тетово на крајот на август и почетокот на септември им истече договорот за работа. Овие места се пополнети со нови наставници. Во меѓувреме, на 108 други наставници на кои исто така им истекол договорот, општината им ги продолжила.

Наставниците кои останаа без работа преку протест на кој му се приклучија и некои ученици, отпуштањето го нарекоа политичко. Но, првиот човек на Тетово, Касами ги отфрла ваквите обвинувања. Според него, општината не се меша во училиштата, но нема ни право да укине или продолжи каков било договор за вработување, префрлајќи ја топката кај директорите и училишните совети.

„Директорите на училиштата имаат целосна одговорност да одлучуваат кои ќе бидат најдобри ангажмани од први септември во образовниот процес и во интерес на учениците. Во ниту еден момент не сме интервенирале во училиштата како што тоа го правеа други општини со менување на директорите и раскинување на договорите за вработените. Така што до крај го почитувавме и ќе го почитуваме квалитетот за образовниот процес да биде во интерес на учениците“, изјави Биљал Касами, градоначалник на општина Тетово.

Директорката на ОУ „Кирил и Методиј“ Сузана Каба не сакаше да коментира за непродолжувањето на договорите и ни рече одговори да бараме од надлежните институции.

„Мене може слободно да ме прашате за тоа што се случува внатре во објектот, а за тоа можете да прашате други институции. Има и други институции“, рече Сузана Каба – директорка на О.У.„Кирил и Методиј“.

Запрашани во Секторот за образование на општина Тетово што ќе биде со луѓето кои останале без своите работни места, раководителот на овој Сектор Назми Даути рече дека наскоро ќе има нов конкурс и ги повика сите оние на кои им завршиле договорите, повторно да се кандидираат за истата работа.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button