РЕГИОН

Објавени трите точки за решавање на тензиите меѓу Косово и Србија

Средбата на косовските и српските претставници во Брисел доцна попладнево се чини ги носи двете страни кон можно решение за тензиите во северно Косово. Вицепремиерот на Владата во Приштина, Бесник Бислими, по средбата изјави дека Србите сè уште не го прифатиле конечното решение, но сепак, начелно биле договорени три фази за надминување на проблемот.

1. НЕМА ДА СЕ ВАДАТ ТАБЛИЧКИТЕ, ЌЕ ИМА НАЛЕПНИЦИ
2. ЌЕ СЕ ФОРМИРА РАБОТНА ГРУПА
3. „РОСУ“ И БЛОКАДИТЕ СЕ ПОВЛЕКУВААТ, ДОАЃА КФОР

Според Бислими, првата точка предвидува на административните премини, граничните служби повеќе да не ги тргаат регистарските таблички од возилата, без оглед од која страна доаѓаат. Наместо тоа, од понеделник врз нив ќе се ставаат налепници.

Втората точка се однесува на потребата од формирање на заедничка работна група во рок од 6 месеци за трајно решавање на прашањето за слободата на движење. Со трета, според косовскиот вицепремиер, се планира повлекување на специјалните сили на косовската полиција „Росу“, како и тргање на блокадите кои ги поставија локалните Срби на граничните премини Јариње и Брњак. На местото на косовските специјалци, би дошле силите на КФОР.

Од српската делегација соопштија дека засега нема официјален договор, а Европската Унија наведе дека преговорите меѓу Приштина и Белград и понатаму траат. Тензиите во северно Косово се зголемија од 20 септември. Тогаш косовската влада воведе мерка за реципроцитет со ставање времени регистарски таблички на возилата кои влегуваат од Србија, исто како што српските власти постапуваат кон возилата од Косово.

Иван Блажевски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button