ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Охрид и Струга сакаат елитен туризам, но добиваат гости кои одат во станови

Охрид и Струга сакаат елитен туризам и гости со подлабок џеб, но за тоа е потребна соодветна туристичка инфраструктура. Тоа значи повеќе хотели со пет ѕвезди и инвестиција во објекти и кадар, кој можат да понудат таква услуга, коментираат од секторот. Засега регионот е некаде на средина меѓу масовен и елитен туризам.

„…Со изградба на многу станови, со изградба на многу приватни капацитети, не се добива тој елитен туризам, туку се работи баш обратно. Во последните 10-15 години, најмногу се изградени баш тие станови, од кои општините имаат многу приходи и тука се создава една нееднаквост и голем процент на примање на такви гости кои бараат да бидат сместени во станови“, рече Крсте Блажески-претседател на ХОТАМ.

Пандемијата изминатите две сезони покажа што му се случуваше на регионот. Оние кои од време на време доаѓаа беа со поплиток џеб, а во шпицот на сезоната владееше хаос и се бараше кревет повеќе.

„Колку ќе вложиме, толку ќе добиеме и на таков начин ќе знаеме дали имаме можност да го направиме туризмот во Охрид елитен. Мислам дека последните две години, видовме што значи масовен туризам – кратка сезона, голем пик и неможност да се сервисира дестинацијата“, вели Љупчо Јаневски-директор на Агенција за поддршка на туризам.

Инаку, регионот околу Охридското езеро не нуди само капење и посета на плажи, туку и активен туризам, бројни културно-историски знаменитости и локалитети и можност за посета на Поградец во Албанија.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button