ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Охрид сардисан од полиција, доаѓаат Еди Рама, Абазовиќ, Вучиќ…

Од аеродромот во Охрид до хотелот каде што ќе се одржи самитот на иницијативата „Отворен Балкан“ од денеска има посебен режим на движење на сообраќајот. Самитот неформално почнува вечерва со работна средба чиј домаќин ќе биде премиерот Димитар Ковачевски. На неа се поканети премиерите на Албанија, Еди Рама, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.

Официјалниот дел е закажан за утре. Се планира обраќање на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и видео-обраќање на државниот секретар на САД, Габриел Ескобар. Во фокусот на оваа средба ќе бидат туризмот и културата. Ресорните министри од регионот ќе дебатираат за придобивките од заедничката иницијатива. Ќе има и претставници од бизнис-заедниците и стопанските комори од земјава и Балканот.

„Иницијативата Отворен Балкан по сите основи на економската логика е позитивна, бидејќи креира поголем пазар на капитал, можности за размена, а тоа ќе предизвика зголемување на бруто-домашниот производ на регионот“, наведоа од Владата.

Најавено е потпишување на меморандуми во повеќе области. Македонија, Албанија и Србија, кои засега се единствените земји во Отворен Балкан, се очекува да се обврзат на здружена борба против затајувањето на данок, но и забрзување на процедурите за меѓусебно признавање на дипломите за високото образование. Иако Црна Гора и БиХ, во Охрид ќе бидат само како набљудувачи, црногорскиот премиер, Абазовиќ веќе најави дека не ја исклучува можноста за приклучување на неговата земја во иницијативата. Босанскиот претседавач со Советот на министри, Тегелтија, за истото побарал согласност од Претседателството. Засега единствено Косово категорично не сака да стане дел од иницијативата поради учеството на Србија во неа.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button