ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Макрон бара права за сите „заедници“ или „малцинства“

Францускиот претседател Емануел Макрон бара договор меѓу Скопје и Софија, со кој ќе се почитуваат правата на граѓаните кои припаѓаат на други заедници или малцинства. Ставот на Макрон следува по синоќешните телефонски разговори со премиерот Димитар Ковачевски и бугарскиот претседател Румен Радев.

„Претседателот на Републиката изрази подготвеност да ги пречека во Париз, кога ќе дојде време, бугарските и властите од Северна Македонија, со цел да се склучи нивниот билатерален договор“, велат од Кабинетот на Макрон.

Макрон се слушна со Ковачевски и Радев откако дипломатиите од двете земји ги интензивираа преговорите за отворените политички прашања, со очекување да се изнајде решение за време на француското евро-претседателство кое завршува на крајот од месецов. Овој пат, „во игра“ не беше вклучен бугарскиот премиер Кирил Петков, кој на прашањето дали разговорот меѓу Макрон и Радев е вид на дипломатски притисок, тој одговори:

„Ништо нема да направиме под притисок, нека да е јасно за целиот бугарскиот народ. Тоа што се обидуваме да направиме во моментов е да видиме дали бугарските желби и потреби за поддршка на Бугарите во Северна Македонија можат да бидат гарантирани во рамки на европскиот процес“, рече премиерот Петков.

Претходно, дел од бугарските медиуми објавија дека Макрон има план за изнаоѓање решение кое би ги вклучило сите бугарски барања во преговарачката рамка за земјава. Домашните историчари и академици апелираат да се внимава историските недоразбирања да не бидат опфатени во преговорите за членство со Унијата.

„Кога се зборува за интеграцијата на Македонија во рамките на Европската унија, тогаш минатото, уште ако кажеме дека е конфликтно со Бугарија, може само повеќе да го забави тој процес“, изјави Драги Ѓоргиев – копретседател на Мешовитата комисија.

„Идентитетите, посебноста, сфаќањето и погледите врз сопствената историја, се надвор од дискусија. Тие не можат да бидат ставени на преговарачка маса“, рече Владо Камбовски, Член на МАНУ.

Последно, македонските власти беа на став билатералните прашања со Софија да не бидат составен дел од преговарачката рамка со Брисел.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button