ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Општина Струга не им плаќа пари за прекувремена работа на наставниците

Од почетокот на учебната година досега општина Струга не им исплатила ниту денар за прекувремена работа на триесеттина наставници од основното училиште Браќа Миладиновци. Поради тоа, тие денеска протестираа пред општината. Велат – од самиот почеток на наставата работат двосменски, а некои и во три смени.

„Ние ги бараме нашите права. Работиме во две групи, прекувремено. Има и по три групи во училиштето. Има многу деца. Против никого не сме. Само си ги бараме своите права и бараме да ни се исплати тоа што работиме екстра“, вели Виљдан Демиши, Наставник во Браќа Миладиновци.

„…На овој начин сакаме да го изразиме нашиот револт, кој на оваа ситуација не реагираат соодветно и не одговараат на барањата кои веќе ги доставуваме по четврти пат. Ќе одиме до крај додека не ни се исплатат“, вели Ирена Петреска, Наставничка во Браќа Миладиновци, Струга.

Прашање: Размислувате ли евентуално и за бојкот на наставата доколку не ви биде исплатено?

„И за тоа ќе видиме, ќе размислиме“, додава Петреска.

Од општината пак, за Алсат тврдат дека денеска првпат добиле вакво барање од училиштето за исплата на прекувремената работа на наставниците од прво до четврто одделение. Но, општината сега тврди дека има еден проблем.

„Немаме добиено вишок средства од Министерство за образование за оваа намена“, наведуваат од Општина Струга.

Но, од Министерството за образование за Алсат го тврдат спротивното. Велат –за блок дотации за плати и за прекувремена работа на наставниците веќе биле обезбедени дополнителни 122 милиони денари и тоа уште есента.

„Министерството за образование и наука уште во месец октомври испрати писмо до сите училишта дека за наставниците кои извршуваат работни задачи повеќе од полното работно време треба да им се исплати надоместок за прекувремена работа, за што се обезбедени и блок-дотации за општините“, велат од министерството за образование.

Но, струшките наставници велат дека не добиле ниту денар од овие пари.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button