ВЕСТИЗДРАВСТВО

Оволку години затвор им се заканува на осомничените на Онкологија

Двајца поранешни директори на Онкологија и тројца онколози официјално се осомничени во случајот за злоупотреба на терапии. Обвинителството отвори истрага. Поранешниот медицински директор Нино Васев е осомничен дека седум пати во периодот 2017-2022 година злоупотребил јавни набавки на скапи терапии за рак. Тој може да одговара за две точки – злоупотреба на службената должност, што се казнува од 5 до 20 години затвор и за измама на услуги што може да се казни со најмалку 3 години затвор.

За последното кривично дело е осомничен и поранешниот организациски директор Нехат Нухи, кој според обвинителството во периодот од октомври 2021 до април 2023 година со фактури за тендери за биолошки терапии сторил финансиски криминал. Тројцата онколози, исто така уапсени вчера, се осомничени за соработка и помагање во измамата. За нив се смета дека дури и на последниот ден од животот на некои пациенти им препишувале двојно повеќе терапија.

„Постојат сомнежи дека медицинскиот директор повеќе пати свесно повторувал кривични дела заради материјална корист, манипулирал со овластеното лице од Фондот за здравство да врши незаконски плаќања за набавка на лекови кои ги нарачал без да формира надлежен колегиум и без лекарски протоколи“, велат од ЈО.

Во овој случај се ангажирани две обвинителки, Елена Миновска и Ана Јакимовска. Јакимовска соопшти дека во предистражната фаза биле проверени 500 досиеја на пациенти и 250.000 електронски медицински извештаи на Клиниката за онкологија. Сведоци биле многу пациенти, членови на семејствата и медицинскиот персонал. Таа додаде дека првоосомничениот со свој печат и потпис го одобрил упатството на тројцата онколози да издаваат голме број терапии од аптеката на Клиниката.

Ниту еден од финансиските извештаи и медицинските докази не е усогласен. Констатирани се прекршоци, односно дека наводно се давале двојно повеќе терапии од оние на хоспитализираните пациенти. Сомнежите се дека остатокот осомничените го продавале приватно на црно каде терапија чини од 4 до 5 илјади евра. Имало случај кога на еден пациент му биле препишани 8 терапии.

Уапсените 24 часа беа задржани во полициска станица, а утрово изнесени во Кривичниот суд. Судија на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на двајцата поранешни директори им изрече мерка на претпазливост. Тројцата онколози ќе бидат ќе можат да се вратат на работа.

„Се прифаќа предлогот за Н.В. и Н.Н. да се определи мерка на сигурност по член 146 став 1 точка 1, 2, 3 и 7 од Законот за кривичната постапка што значи забрана за напуштање на местото на живеење или престојувалиште, обврска за појавување пред службено лице во суд, одземање на патните исправи и забраната за издавање на нова. За Н.В. се забранува преземање на работни активности поврзани со кривичното дело. Против овие решенија странките имаат право на жалба до кривичниот совет на овој суд во рок од три дена од приемот на решението“, велат од Кривичен.

Низ годините колку што се смета дека траеле проневерите има сомнеж дека биле проневерени околу 29,5 милиони евра. Алсат дознава дека вчера во полициска станица биле однесени и секретарот на клиниката Елена Ѓонова, возачот на клиниката Спиро Дамески и медицинската сестра Славица Спасовска. Со нив бил извршен информативен разговор.

Обвинителството најави дека истрагата ќе биде проширена по добивањето на резултатите од досиејата на Фондот за здравство, извештаи кои се испратени на вештачење во Словенија. Од регионалната соработка, косовското обвинителство не констатирало сомнеж дека украдените терапии од Клиниката за онкологија завршиле кај пациенти државјани на Косово.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button