ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Декларацијата на бугарското собрание и меморандумот до ЕУ излегоа од рамките на договорот

Декларацијата на бугарското собрание и меморандумот до ЕУ излегоа надвор од рамките на договорот. Тука немавме маневарски простор, зашто барањата се однесуваа на прашања за кои не се преговара, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за Дојче Веле.

Оценува дека шансите да се дојде до решение се минимални, иако постојат. Тоа е така, вели Пендаровски, затоа што станува збор за обид идентитетските прашања да се стават на преговарачка маса, а за тоа никој никаде во светот ниту преговарал, ниту ќе преговара.

Прашан дали можеме воопшто да се надеваме на решение, во кое ќе нема вграден простор за натамошни „мини“ на нашиот интегративен пат, Пендаровски со став дека тоа не зависи воопшто од евентуалното решение на актуелниот спор, ако до тоа воопшто дојде.

– Имено, ако не влегувате со добра верба при потпишување на договорот, секогаш може да измислите причина за да не го почитувате, а комплексноста на процесот на европски интеграции дава доволно процедурални можности за такви опструкции, вели Пендаровски.

За него воопшто не било изненадување промената на бугарската позиција што почнала да се случува изминатата година поради што, како што вели, одржал низа состаноци со нашиот дел од комисијата на историчари и со професори и дипломати, познавачи на билатералните односи со Софија.

– Јас излегов со изјава која содржеше општа рамка за можен компромис во однос на тогаш актуелното прашање за Гоце Делчев. Реакциите во македонската јавност беа во рамки на моите очекувања, меѓутоа ме изненадија реакциите од бугарска страна. Имено, тоа не беше препознаено како обид за компромис во кој и двете страни треба да направат напор и да напуштат некои од свои комунистички историски аксиоми кои се еднодимензионални. Наместо тоа, во Софија беа уверени дека е дојдено времето кога македонската страна треба, во целост, да се усогласи со нивниот историски наратив, посочува Пендаровски.

Извор: Дојче Веле

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button