ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Петков: Во Скопје одам подготвен за нов почеток

„Во Скопје одам со подготвеност за нов почеток, почеток кој ќе биде ослободен од декларативните заложби“, вели бугарскиот премиер Кирил Петков во пресрет на посетата на земјава во вторник. Во интервју за МИА тој вели дека со конструктивен дијалог сите прашања се решливи и дека на македонските власти нема да им понуди Анекс на Договорот за добрососедство, туку нов пристап во разговорите, за секојдневието на граѓаните од двете земји.

„Немам подготвен документ или нешто, бидејќи сите тие документи немаат поента, ако не им дадеме вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата. Јас предлагам документите да ги оставиме како втор чекор, а прво да почнеме, за да има нешто за што ќе пишуваме во следниот документ. Инаку, опасноста е дека ние ќе напишеме документ и после што од тоа. Тука, задачата е да направиме програма, да ги направиме работните групи, да започнеме со дијалог“, додава Петков.

Петков оценува дека заедно со колегата Димитар Ковачевски, кој, како што вели, исто така потекнува од бизнис секторот, имаат слична енергија за придвижување на работите. Сепак, во однос на тезата дека дал шестмесечен рок да се надмине спорот, Петков ретерира, велејќи дека очекува резултати во рок од шест месеци од новите пет комисии кои наскоро би се формирале – за култура, економија, инфраструктура, историја и евроинтеграција.

Од друга страна, поранешната шефица на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, во интервју за БТВ, вели дека не очекува ништо ново од средбата во Скопје. Таа тврди дека пристапот на Петков воопшто не е нов, туку е содржан во веќе постојниот Договор, кој за Македонија преставувал само лист хартија.

„Овој пристап е од Договорот, тој не е нов. Кога веќе премиерот Петков прашува зошто не се работи на Коридор 8, зошто нема соработка во образованието… Јас му кажав дека многу скоро ќе разбере зошто. Во Договорот има делови кои не се однесуваат само Комисијата за историски прашања, има и за туризам и за инфраструктура, за говорот на омраза… Ние предлагавме конкретни иницијативи на овие теми и многу често одговорите се одолговлекуваат повеќе од една година“, вели Екатерина Захариева – поранешна министерка за надворешни работи на Бугарија

Сепак, и Захариева тврди дека заложбите за изнаоѓање решение треба да продолжат и е добро што двајцата премиери лично ќе се запознаат. /Алсат.мк

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button