ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Помина рокот за предлози за неработна недела

Министерствата не го испочитуваа рокот од седум дена во кој требаше да одлучат кои дејности кои се под нивна надлежност во неделите да не работат. Министерката за труд Јагода Шахпаска овој рок на нејзините колеги министри им го даде точно пред една недела. Но, денеска министерот за транспорт, Благој Бочварски, вели дека таа обврска не му е завршена. Допрва ќе разговара со стопанските комори.

„Според мене, треба да донесеме правилна одлука, а не избрзана. Затоа формиравме работна група, но сакаме да консултираме повеќе страни инволвирани во однос на ова прашање“, рече министерот Бочварски.

Од Министерството за информатичко општесто и администрација пак, ни посочија дека тие нема да даваат предлози на Владата кои вработени од дејностите кои се под нивна надлежност, да бидат слободни во недела. Нивен предлог е всушност да се зголеми бројот на дејности кои задолжително би работеле во неделите. Тоа ќе го бараат преку измени за Закон за јавен сектор.

Вчера министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека во недела како евентуално неработен ден, не би уживале вработените во угостителството, туристичката дејност и трговијата на мало. Би можело тој бенефит да го имаат само вработените во трговијата на големо. На ваквите најави реагираа од Сојузот на синдикати на Македонија од каде истакнаа дека измените на Законот за работни односи ќе бидат безначајни. Од Конфедерацијата на слободни синдикати бараат секој кој ќе работи во недела да добива екстра 50 насто повисока дневница.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button