МАКЕДОНИЈА

Последна шанса за договор со Бугарија следната недела

Средбите на билатерално ниво во рамките на Берлинскиот процес како и деновите до Советот на ЕУ посветен на проширувањето се последната шанса за постигнување на договор помеѓу Скопје и Софија за да се усвои рамката за преговори на 17 овој месец, јави дописничката на МИА од Брисел.

Како што веќе јави МИА, земјите членки на ЕУ не планираат да ја стават Северна Македонија на дневен ред на амбасадорскиот состанок планиран во среда во Брисел доколку не се постигне значаен напредок на билатерално ниво.

Средбите во рамките на Берлинскиот процес денес и утре ќе бидат искористени за обид да се приближат ставовите, но црвените линии што ги делат двете страни се дијаметрално спротивставени до овој момент.

Бугарската страна и натаму инсистира Северна Македонија да прифати дека има “бугарски корени“ пред 1945, не го признава јазикот и смета дека треба да се вметне посебна одредба во преговарачкиот процес со ЕУ поврзан со овие прашања, со што фактички таа би го прејудицирала исходот на самите преговори.

-Овие барања се чинат неприфатливи за македонската страна која се чини дека е подготвена на компромис, но не по било која цена, велат дипломати во Брисел.

Бугарските дипломати исто така се повикуваат на своите црвени линии како и на последните анкети на јавното мислење во Бугарија каде 80 отсто од граѓаните сметаат дека треба да се блокираат преговорите со Северна Македонија ако нема договор за билатералните прашања.

Останатите земји членки на ЕУ сметаат дека не смее да се „билатерализира“ преговарачкиот процес на С. Македонија.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button