ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Потпишан договор за надзор на автопатите на „Бехтел-Енка“

Владата и странската ИРД Инженеринг со седиште во Италија ставија потпис на договорот со кој компанијата ќе биде надзор на турско-американскиот конзорциум „Бехтел – Енка“ при градењето на четири автопати низ Македонија. Потпишувањето на овој договор беше услов за да се почнат преговорите за изградба на патиштата на коридорите 8 и 10. За својата работа надзорот ќе добие 23 милиони евра од државата.

„Нашите стратешки планови се изградба на автопатските делници Требениште-Струга-Ќафасан во должина од 22,5 километри, Гостивар-Букојчани со должина од 30,1 километар, како и 27 километри на делницата Тетово-Гостивар. На коридорот 10-д ќе се гради делницата Прилеп-Битола со должина од 43,4 километри“, рече Благој Бочварски министер за транспорт и врски.

Во Министерството за транспорт за градежните работи годинава имаат резервирано речиси 250 милиони евра. Но, претходно за овој случај со избор на компанија за изградба на овие автопати без тендер, експертите препознаа можност за корупција.

Уште од самиот старт кога владата реши Бехтел и Енка да биде компанијата којашто ќе гради автопати низ Македонија, се огласи Антикорупциската комисија која што сметаше дека избор на една компанија без јавен оглас е недостаток на конкурентност.

На ист начин без тендер и владата на Груевски склучи договор со кинеската фирма Синохидро за изградба на автопатите Скопје – Штип и Кичево – Охрид. За тоа подоцна следуваа и судски процеси. Првиот автопат беше завршен, но завршувањето на оној кон Охрид доцни со години. Се пролонгира и изградбата на автопатот Скопје – Блаце кој е многу далеку од реализација зашто со години се работат само првите стотина метри од него.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button