ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пожарот во модуларната болница во Тетово каде изгореа 14 лица најверојатно избил од продолжен кабел

Пожарот во модуларната болница во Тетово каде изгореа 14 лица најверојатно избил од продолжен кабел. На него биле вклучени дефибрилатор, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат. Ова го покажува извештајот на крим – техника при МВР, кој беше доставен до тетовското обвинителство. Обвинителството соопшти дека кабелот се прегреал и се запалила приклучната кутија на продолжниот кабел.

 Јавно обвинителство

„Пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.“

Иако медицинскиот персонал се обидел да го изгаси огнот, сепак тој за кусо време се проширил низ цела модуларна болница. Огнот се проширил и на кровните панели, преку кои дошол до панелните ѕидови и до болничкиот инвентар.

 Јавно обвинителство

„Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период. Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите/просториите и кон ходникот кои би го забавиле пренесувањето на огнот.“

Извештајот за тоа од што избувнал пожарот е првиот што го доби тетовското обвинителство по побараните вештачења. Се чекаат и извештаите и од други надлежни институции. Свој извештај до Обвинителството треба да испрати и Градежниот институт од каде подигнаа примероци од опожарениот градежен материјал, како од подот, таванот, ѕидовите, прозорците, вратите, изолацијата… Се очекува и вештачењето на германските експерти од Федералната криминалистика. Обвинителството соопшти дека интензивно постапува по предметот и дека преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот. Пред речиси еден месец, ноќта на 8 септември, пожарот во тетовската модуларна болница за помалку од пет минути ја пеплоса цела импровизирана болница. Во пожарот животот го загубија 14 лица.

Igor Stefanovski

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button