ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Прекршен рокот за супер-вештачењето на несреќата на „Дурмо турс“

Бирото за судски вештачења го прекрши рокот што Кривичниот суд го постави за поднесување на супер-вештачењето за несреќата кај Ласкарце, односно до 5 декември. Иако Судот неколку дена претходно најави казни во случај на прекршување на овој рок, денеска соопшти дека вештаците го известиле судот оти ги извршиле сите потребни увиди и дека се на пат да подготват конечни заклучоци. Останува отворена можноста за казни доколку тоа не се направи наскоро.

„Бирото го извести судот дека вештаците досега ги извршиле сите потребни увиди и анализи, додека по извлекувањето на заклучоците од увидот извршен во автобусот ќе ја финализираат подготовката на супер-вештачењето и предметот со сите податоци“, наведуваат од Кривичниот суд.

Инаку, токму отсуството на ваквата експертиза предизвика откажување на десетици судски рочишта за овој предмет. Директорот на Бирото за судски вештачења, Валдет Џафери и понатаму не одговара на прашањата на Алсат зошто се одолговлекува оваа постапка.

Следното рочиште ќе се одржи на 20 декември. Од Кривичниот суд изјавија дека се сретнале со семејствата на загинатите во трагичната несреќа, но и со повредените.

„Советот на надлежни судии денеска ги извести дел од оштетените во постапката кои беа присутни во судот дека на следната седница што ќе се одржи на 20 декември сè уште постои можност за парична казна за вештаците доколку предметот со сите изработени податоци и вештачења, како и анализите не се пратат во судот во најкус можен рок“, велат од Кривичен.

Неколку дена претходно членови на семејствата најавија протести и блокади на улици доколку судскиот процес и понатаму продолжи да се одолговлекува.

Трагедијата се случи на 13 февруари 2019 година. Досега се одржани над 100 рочишта. Имаше различни верзии на вештачења, па судијката Дијана Груевска побара супер-експертиза. Во предметот се обвинети шест лица, меѓу кои сопственикот на Дурмо турс, Дурмиш Белули, одговорниот за превоз во претпријатието, Ремзи Мифтари, возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за техничка контрола.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button