ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пресудата за „Космос“ ќе биде објавена на 20 мај, судењето заврши

Заврши судењето за случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот „Космос“. Кривичниот суд на 20 мај ќе ја соопшти својата одлука дали има или не вина кај обвинетите. Во овој случај главни обвинети се поранешниот премиер, Никола Груевски и екс – министерот за транспорт, Миле Јанакиески поради нарачано уривање на комплексот „Космос“ за политичка одмазда против бизнисменот Фијат Цаноски. Обвинети се и поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, како и вработени во општината, за злоупотреба на функциите.

Обвинителството во завршните зборови за нив бараше затворски казни, но тие побараа ослободителна или одбивателна пресуда.

Судењето за „ТНТ“ во Кривичниот суд траеше цели четири години. Тоа почна во јануари 2018 година, а во декември 2019 кога дојде до самата завршница мораше да се врати на почеток, поради истек на мандат на дел од судечкиот совет. Тој период судот интензивно закажуваше рочишта, но тие се одложуваа. Во тој период беше претепан екс – градоначалникот на Гази Баба, Трајковски и тоа додека заедно се шетале со поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски. И ден – денеска остана нејасно кој и зошто го претепа.

Според обвинението, клучно за наводната политичка одмазда на Груевски кон Цаноски е поради тоа што тој ја откажал коалицијата со ВМРО – ДПМНЕ и со Партијата за европска иднина коалицирал со СДСМ во 2011 година. „Космос“ се урна летото таа година, за што беа набавени и експлозиви од близу 500.000 евра. Обвинителството, штетата на Цаноски првично ја процени на 16 милиони евра, но таа потоа беше намалена на 11 милиони.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button