ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Проблеми со греењето во Скопје Север, топланата нема пари за гориво

Повеќе од петстотини семејства во скопските општини Бутел и Чаир четврти ден се без парно греење. Институциите меѓусебно си ја префрлаат топката чија е вината и кога жителите во услови на минусни температури и снег ќе добијат парно греење во домовите. Општина Чаир појаснува дека денеска исплаќаат дел од долгот кон АД Топлификација Скопје-Север за некои училишта и градинки. Овие пари топланата би ги користела за купување гориво. Но, дури и во тој случај, граѓаните би имале греење само два до три дена.

„И покрај уплатата од општина Чаир проблемот би се решил само краткорочно. Во текот на денот очекуваме информација од Владата за евентуална можност за обезбедување дополнителна финансиска помош затоа што Скопје-Север АД веќе се соочува со големи финансиски загуби“, велат од АД Топлификација, Скопје-Север.

Во меѓувреме скопјани и во останатите делови од градот изминативе денови се соочија со намалување на температурата на парното или целосно студени радијатори. Од Балкан Енерџи Груп појаснуваат дека во услови на енергетска криза режимот за испорака на парно е оптимизиран. Повеќе од 200 граѓани се пожалиле од парното греење а од БЕГ велат дека интервенирале.

„Во 39 објекти се констатирани технички неисправности во топлинските станици на објектите и истите се веднаш отстранети. Во останатите објекти извршено е мерење на внатрешната температура и констатирано е дека сите објекти имаат внатрешна температура еднаква или повисока од 20 целзиусови степени, односно испораката на топлина е во согласност со Правилата за снабдување“, велат од БЕГ.

И од компанијата БЕГ бараат од државата финансиска помош за надминување на кризата, бидејќи цената на гасот на светските берзи е рекордна. Од Владата засега немаат најавено конкретни мерки за решавање на проблемот.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button