ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пасоши со туѓ идентитет – Полициски службеници изведени на распит

11 лица се осомничени во аферата со фалсификувани пасоши. На нив им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба. Меѓу нив и кртот кој оддал информации за истрагата во МВР. 10 осомничени се вработени во МВР, а во бегство е оној кој во полицијата посредувал да се издадат пасошите со лажните идентитети за странските криминалци. Се издале вкупно 219 фалсификувани пасоши. 215 пасоши добили странци со туѓ македонски идентитет на лица кои живеат во странство.

„Со втората пријава, пак, се опфатени 4 незаконски издадени пасоши при што искористени биле повеќе матични броеви издадени на 1 лице, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со цел да се креира нов идентитет, кој потоа со фотографија од лицето кое бара пасош бил употребен за да се издадат нови незаконски патни исправи“, наведоа од ОЈО.

Скопското обвинителство соопшти дека за осуммина бара притвор, а за двајца мерки на претпазливост. Еден од осмичените веќе е во притвор поради скандалот со незаконско издавање на возачки дозволи. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во „Утрински брифинг“, вели дека меѓу уапсените има и раководители од пасошко.

„Внатре во институцијата (МВР) кругот е затворен, сега одиме со најверојатно проширување на истрагата за да ги видиме сите други аспекти кои се поврзани со овој случај. Идејата беше заедно со обвинителот да се реализира акцијата заеднички и со другите земји, но заради овој обид за саботажа ние го пресековме тој канал и за среќа акцијата е успешно завршена“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Странските криминалци плаќале и до 20.000 евра за да добијат македонски пасош. ВМРО ДПМНЕ денеска објави нов список на криминалци. Шефот на нарко клан од Албанија, Флорјан Мусај, добил македонски пасош под идентитет на Наум Фило.

„Мусај непречено патува низ повеќе европски држави за во октомври 2019-та година да пристигне во Јужна Америка. Мусај користејќи го македонскиот пасош со позајмен идентитет на име Наум Фило најверојтно патувал низ повеќе држави на Европа и Јужна Америка. Стефан Џукиќ имал македонски пасош на име Каче Герѓи. Тоа е овој пасош кој денеска го презентираме. Значи човек кој што медиумите го ословуваат како платен убиец на Кавачкиот клан имал македонски пасош издаден од МВР“, рече Александар Николовски, ВМРО ДПМНЕ.

Спасовски денеска кажа дека кртот од МВР контактирал со лидерот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски, а Николовски кажа дека тоа се лажни вести.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button