ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Собраниската дебата за минималната плата продолжува утре

Расправата по Предлог-измените на Законот за минимална плата ќе продолжи утре откако денеска, втор ден од дебатата, парламентарното мнозинство и опозицијата преку реплики и контра-реплики ги искажаа своите гледишта и забелешки за предлог-законското решение.

На денешната дебата, опозицијата, преку излагања на повеќе пратеници изрази жалење што не е прифатен нивниот амандман за скалесто зголемување на сите останати плати, бидејќи инфлацијата, како што рекоа, влијае на животниот стандард на сите работници. Според нив, доколку се зголеми само минималната плата, а не и останатите плати, тогаш ќе дојде до, како што велат, „урамниловка“.

Пратениците од власта, од друга страна, потсетија на реализираните проекти кои, според нив, се показател дека овој предлог ќе вроди со плод, односно нема да има негативни ефекти.

Пратеничката од СДСМ, Марија Георгиевска, на дебатата истакна дека со постигнувањето на договорот на синдикатите и работодавачите за покачување на минималната плата се реализира мерка која што директно го помага  животниот стандард на  работниците.
– Во изминатиов период од десетина години, од кога за првпат е воведена минималната плата, немаме намалување на вработеноста, туку, напротив, имаме еден постојан нагорен тренд на зголемување на вработеноста. Нема негативни, туку, напротив, има позитивни ефекти од зголемувањето на минималната плата. Растат продуктивноста и економијата, рече Георгиевска.

Предлог-измените на Законот за минимална плата беа доставени до Собранието откако по неколкудневни преговори на Економско-социјалниот совет на 7 февруари беше постигнат договор минималната плата да се зголеми на 18.000 денари со мартовската исплата во април. Зголемувњето на минималната плата ќе биде помогнато и од страна на државата која од Буџетот ќе одвои 16 милиони евра за плаќање на разликата во придонесите до крајот на годината.

Зголемувањето на минималната плата е барање на синдикатите, според кои, се работи за егзистенцијална потреба на работниците имајќи го предвид зголемувањето на животните трошоци и фактот што две минимални плати се малку за да се покрие минималната синдикална кошничка.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button