ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Струга ги игнорира сите повици за уривање на дивоградбите

Освен отстранување на неколку платформи во езерото, минатите години јавноста не виде друга посериозна акција за отстранување на бесправно изградени објекти во Струга и покрај постојаниот аларм од граѓанските активисти дека на струшка страна постојано се бетонира и гради. Владата уште во септември лани ја задолжи општината да започне со отстранување на бесправно изградените објекти,но досега ниту еден објект не е отстранет.

Статистичките податоци говорат дека последните 5 години во Струга одобрена е изградба на 91.500 м2.

„Имаме еден нов софтвер заедно со националниот парк Галичица, каде имаат направено скенирање на целиот терен. И ќе утврдиме што е тоа што е дивоградба во општина Струга, а што не е, независно што општина Струга изјавува. Секој може да изјави што сака, но состојбата на терен ќе си каже нешто друго и по неа ќе постапиме. Не може се што е изградено во заштитено подрачје да се прогласи за легална градба“, рече Бисера Костадиновска Стојческа, министерка за култура.

Од Охрид СОС реагираат дека се узурпира крајбрежјето, и доставиле претставка до Државниот инспекторат за животна средина и до општинските инспекциски служби, да се спречат незаконските дејанија.

„Веќе извесен период се уништува и тампонира појасот трска и друга флора на овој сегмент од крајбрежјето, присутна е механизација, според очевидците. Иако по неодамнешната средба со експертите, општина Струга сподели информација дека „најодговорно и најпрофесионално ги извршувала сите обврски спрема задолженијата кои произлегуваат од мониторинг мисијата на УНЕСКО, нештата на терен кажуваат сосема друго. Дали е ова највисоко ниво на заштита?“, велат од Охрид СОС.

Во меѓувреме и договорите за концесии на оние кои се уште стопанисуваат со плажите во Струга се истечени пред неколку години, што значи дека тие работат на диво. Прашавме во Општина Струга, како планираат да го решат прашањето со нелегалните градби и статусот на плажите, но одговор не добивме. Мисијата на УНЕСКО во регионот доаѓа во февруари.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button