ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Струга полна со туристи, пофалби за цените, критики за хигиената

Струга полна со туристи, пофалби за цените, критики за хигиената

Место повеќе деновиве се бара на струшките плажи. Високите температури ги полнат капалиштата во Струга , која го живее шпицот на туристичката сезона. Поголема посетеност има за време на викендите, а гужвите низ Струга и ова лето најмногу ги прават печалбарите од странство, но и нивни пријатели од земјите каде што живеат.

„Триесет години живеам во Италија. Секое лето доаѓам овде. Само оваа година Струга ја најдов не како порано. Фали малку повеќе чистење. Треба малку почисто да биде….“, изјави еден иселеник од Струга во Италија.

„Доаѓаме од Љубљана. Во Струга остануваме две недели. Доаѓаме веќе 18 години бидејќи овде имаме пријатели. Сакаме малку да се одмориме, да ја промениме околината. Цените за нас се исто така прифатливи“, рече турист од Словенија.

„Четворица сме. Ќе поседиме 3 дена и во Охрид, тука сме дојдени пред 5 дена. Во Тетово живееме, тука сме дојдени за малку луксуз. И Охрид бевме и овде сме“, нагласи турист од Тетово.

„Одиме Охрид во центар да се прошетаме навечер бидејќи е поубаво во центарот. А, овде доаѓаме за водата бидејќи е подобра. Пливаме, возиме џет-ски, водата е супер. Најдовме еден убав луксузен хотел“, рече еден друг турист oд Тетово.

„Ја сакаме Струга. Овде сме една недела. Го сакаме местото, реката, езерото. Има убави плажи, многу добри луѓе, ниски цени. Прв пат сме овде. Овде сум со моите другари. Дојдовме група танчери од Израел. Ја сакаме Македонија“, изјави еден турист од Израел.

Туристичките работници и сопственици на мали бизниси, велат дека на Струга ова лето ѝ фалат повеќе странски туристи. Ако не се печалбарите, тогаш градот велат – нема од што да живее на лето.

„Сезоната почна малку подоцна. Странски туристи имаме, но помалку ги гледаме за разлика од порано. Ги нема Холанѓаните. Полјаци има, Турци има и така и така. Повеќе одат во Охрид. Од печалбарите сме задоволни, ако тие не се, тешка ќе биде работата. Средно сме задоволни од продажбата, но фала му на Господ добро е“, нагласи Ате Јахја-сопственик на мал бизнис.

Струга за разлика од Охрид, каде цените на угостителските услуги се многу повисоки од ланската сезона, може да се пофали со пониски цени по рестораните и локалните кафетерии. Со доаѓањето на печалбарите, голем е бројот и на свадби во текот на целиот летен период.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button