ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Студентски протести во Тетово поради професорка по музика

Студентски протести во Тетово поради професорка по музика

Студентите по музика на Факултетот за уметност во Тетово денеска протестираа барајќи да се преземат мерки против професорката Бесијана Мемети поради упатени закани кон нив.

Ден по пријавувањето на заканите во Алсат, студентите велат дека се подготвени да се соочат и на суд, отфрлајќи го образложението на Мемети дека студентите наводно сакаат да добиваат добри оценки без учење.

„Многу е веројатно јас и групата да ја изнесеме професорката на суд, но ќе почекаме затоа што дома имаме опомени за тужби, како да сум ја навредил, а ако не се повлечам, таа ќе ми прати тужба. Ќе почекам, ако таа не поднесе тужба, тогаш ние ќе го направиме тоа“, рече Арди Лена, студент.

Во поддршка на студентите излегоа и пејачот на групата „Елита 5“ Ариф Зибери и поранешни студенти на овој факултет кои сведочеа за притисоци и во изминатите години.

„Дојдов да ги поддржам затоа што секој родител со своето жртвување ги носи децата да учат, да студираат, но на професорката малтретирањето и навредувањето ѝ е во крвта. Јас сум во тек бидејќи тука ми студираше едното дете, сега студира и другото и во тек сум што им прави професорката на студентите“, изјави Ариф Зибери, пејач „Елита 5“.

„Јас бев студент кој чекаше овде четири часа за да се одржат испити, потоа се одлагаа за две недели или една недела. Бев психички измачуван. Мислам дека на овие студенти сега им треба поддршка. Плачеме кога ќе заминат на Запад или кога ќе останеме без студенти, бидејќи како што гледам овој факултет во иднина ќе остане без студенти“, нагласи Адис Исмаили, поранешен студент.

Шефот на Катедрата за музика вели дека знае за настанот.

„Бев присутен кога се случи инцидентот. Јас како шеф на Катедрата за музика ги препратив сите неправилности, прекршoци и проблеми на студентите и за тоа има мноштво официјални писма и мејлови до органот за одлучување, а тоа е деканот“, изјави Бајрамали Идризи, шеф на Катедрата за музика.

Деканот пак, најавува дека за неколку дена за случајот ќе има состанок.

„Одлучивме во понеделник да имаме седница на која ќе се состане Дисциплинската комисија, а потоа највисоките органи на Универзитетот да го разгледаат овој случај и се надеваме дека барањата на студентите ќе бидат разгледани и земени предвид“, изјави Нафи Јашари, декан на Факултетот за уметност- ДУТ.

По вчерашното пријавување на студентите, професорката Бесијана Мемети во писмената реакција за Алсат ги демантираше обвинувањата и ги обвини студентите дека така се однесуваат за да добијат високи оценки без учење.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button