ВЕСТИЗДРАВСТВО

Тројцата лекари осомничени за скандалот со лекови на онкологија продолжија со работа

Тројцата лекари онколози осомничени за соучесништво во измама со скапи терапии за рак денеска продолжија со работа. Судот одлучи Мери Пешевска, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, два дена откако беа уапсени од полицијата, да бидат на слобода. Јавното обвинителство соопшти дека истрагата ќе биде проширена, не исклучувајќи го медицинскиот и административниот персонал, фармацевтските компании кои ги снабдувале биолошките лекови, како и Фондот за здравствено осигурување. По завршување на сите сведочења ќе се состави обвинителниот акт кој ќе биде доставен до Кривичниот суд.

„Истражната постапка штотуку започна и најверојатно истрагата ќе биде проширена откако ќе ги добиеме резултатите од досиејата на Фондот за здравство, извештаи кои се испратени на вештачење во Словенија, од правно-медицински вештак. Од Фондот, плаќањата на тендерите за лекови на добавувачи се вршени со печат и потпис на осомничени лица, кои во истражуваниот период го повториле кривичното дело најмалку 7 пати“, наведуваат од ЈО.

Алсат дознава дека вчера во полициски станица бил извршен разговор со секретарката на клиниката, Елена Ѓонова, возачот на клиниката, Спиро Дамески и медицинската сестра, Славица Спасовска. Сите тие денеска беа на работа.

На поранешниот медицински директор Васев, со решение на судија на претходна постапка му е изречена забрана за работа на Клиниката, но според законот ќе зема половина од платата додека не се донесе правосилна судска одлука. Од Клиниката дури велат дека за неколку месеци тој оди во пензија.

„Не само што сме подготвени туку и должни да соработуваме со обвинителството за овој случај и досега во рекордно време одговоривме на секој документ што ни беше побаран. Што се однесува до фармацевтските компании, секоја уплата се врши по ред. Во фаза сме на составување на буџетот, за биолошки терапии за 2024 година се планирани 1,47 милијарди денари, додека вкупниот буџет на клиниката е 2 милијарди денари“, рече Халид Матоши, организациски директор на Онкологија.

Според обвинителството, буџетот е оштетн за околу 1,8 милијарди денари или околу 29,5 милиони евра во период од неколку години, односно за 6 години штетата достигнала вредност од годишен буџет за Онкологија само за терапии. Велат дека од регионалната соработка во предистрагата, Обвинителството во Косово, не нашло докази дека терапии од Клиниката за онкологија завршиле кај пациенти државјани на Косово.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button