ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тетово не платило 50.000 евра експропријација, па сумата стигнала 1,4 милиони евра

Општина Тетово поднесе кривична пријава против поранешната градоначалничка Теута Арифи, за можна злоупотреба на службената положба и оштетување на општинскиот буџет за околу 1,4 милиони евра. Според првиот човек на општината, Касами, во оваа злоупотреба постојат сомневања дека се инволвирани уште неколку лица вработени во општината, судија и адвокат.

„Овој случај е поврзан со експропријација на имот направена многу порано, во вредност од 50.000 евра. Поранешното раководство не реагирало навреме и не поднело жалба, ниту се договориле со страните за да не го оштетат буџетот на општина Тетово, за да ги искористат можните пазарења што можеле да се направат со страните. Бараме Јавното обвинителство да го истражи овој случај и можните направени злоупотреби и да ја надомести општината за причинетата финансиска штета“, рече Биљал Касами, градоначалник на Тетово.

Како резултат на тоа, општина Тетово, вели Касами, откако тој дошол на функцијата, платила околу 29 милиони денари обештетување, додека вкупната камата достигнува 1.400.000 евра што треба да се платат за експропријација која на времето чинела само 50.000 евра.

„Во моментот кога за прв пат се констатира обврската на судот со правосилна одлука, ретроактивно се констатира одлуката за камата, што не се случило во историјата на судовите во Македонија и се констатира камата од 1 милион евра. Од тој момент општината не се жали и сè станува правосилно. Почнува пресметката на дополнителна камата која во новите пресметки може да оди плус 300.000 или 400.000 евра“, додава Касами.

Предметот се однесува на имот кај поранешната куќа на пожарникарите на булеварот Тетово што му бил одземен на сопственикот во ’80-тите години, а оттогаш постапката продолжува на суд до 2017 година, кога се носат решенија, кои според Касами, се сомнителни. Градоначалникот се обидел да се договори со сопственикот да се прости барем каматата, но договор не бил постигнат.

Инаку, поранешниот состав на општина Тетово, ја остави општината со околу 24 милиони евра долгови и блокирани сметки, долг за кој Касами вели дека е сега намален.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button