ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Трошоците за живот лани повисоки за 9,4% во споредба со 2022 година

Трошоците за живот лани повисоки за 9,4% во споредба со 2022 година

Минатата година, во споредба со 2022 година, трошоците за живот се зголемиле за 9,4 отсто, а цените во малопродажбата пораснале за 7 отсто, објави Државниот завод за статистика. Во меѓувреме, според Сојузот на синдикати на Македонија, на четиричлено семејство му требаат 56.522 денари за да ги покрие основните месечни трошоци. Синдикатите веќе објавија дека според новата методологија на економските експерти, најпогодени се семејствата кои плаќаат кирија бидејќи ним им требата дополнителни 21.324 денари поради киријата, водата, струјата и греењето. Граѓаните со кои зборувавме ни рекоа дека секој ден преживуваат со тешкотии, особено пензионерите.

„Една плата е за три дена. Повеќе не трае. Се троши затоа што платите се минимални. Со 20.000 ништо не се прави. Сега веќе платите не треба да бидат под 1.000 евра. Тоа не се прави во државава. Ништо не е евтино. Било што и да се купи, скапо е за нашиот стандард. Ако нешто не е потребно, не го купуваме“, рече еден граѓанин.

Некои граѓани пак, велат дека мора да работат и втора работа за да ги покријат трошоците и за да обезбедат доволно храна.

„Што може да направам со 15.000 денари. 3.000 одат само за лекови, потоа телефон, а за леб и за јадење не остануваат. Оваа држава не мисли на сиромашните. Само ги гази, а за себе многу крадат“, нагласи друг граѓанин.

„Со една плата поминуваме две недели, другите две недели чекаме да фатиме некоја друга работа, ако не, остануваме така. 90% живееме тешко, 10% некако се снаоѓаме. Преку лето е поинаку, но преку зима е многу тешко“, додаде друг граѓанин.

Според Заводот за статистика, за 13,6% поскапеле мебелот и домувањето, 12,7% рестораните и хотелите, потоа храната и безалкохолните пијалоци, струјата, водата, природниот гас, алкохолот, лековите и облеката. Најмалку пораснале цените во сферата на образованието, телекомуниациите и транспортот./Алсат.мк

Мелихате Рустеми

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button