ВЕСТИСВЕТ

(ВИДЕО) Пожарот Дикси – најдеструктивниот во историјата на Калифорнија

Во големиот пожар, наречен Дикси, кој речиси еден месец пустоши низ северна Калифорнија, изгореа уште 550 куќи, што го прави еден од најдеструктивните во историјата на американската сојузна држава Калифорнија, соопштија во средата локалните власти.

Шумскиот пожар Дикси, кој избувна на 14 јули во планините Сиера Невада, околу 260 километри североисточно од Сакраменто, е втор по големина во историјата на Калифорнија. До средата вечерта, само 30 проценти од опожарените области беа под контрола.

Дикси, кој досега изгоре повеќе од 5 000 квадратни километри, е убедливо најдеструктивниот од вкупно 11 шумски пожари што горат низ Калифорнија, со кои се борат речиси 10 000 пожарникари. Двајца пожарникари и еден цивил се повредени.

Пожарот досега уништи повеќе од илјада куќи и стотици други објекти, а минатата недела изгоре речиси целиот центар на стариот рударски град Гринвил, изграден за време на златната треска.

Калифорнија, чија сезона на пожари обично е во втората половина од годината, е на добар пат да забележи повеќе изгорена површина оваа година отколку минатата година, која беше рекордна.

Во изминатите три години избувнаа петте најголеми пожари во историјата на оваа сојузна држава, при што изгореа повеќе од 25 000 квадратни километри и беа уништени 3 700 објекти.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button